БАЛКАНОТ ДОБИВА НОВА ШАНСА Моделот кој ја внесе Австрија во ЕУ повторно се враќа

Од економско поврзување до членство во ЕУ – Австрија помина 23-годишен пат кој денес повторно се разгледува како решение за земјите кандидати.

БАЛКАНОТ ДОБИВА НОВА ШАНСА Моделот кој ја внесе Австрија во ЕУ повторно се враќа
Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, учествуваше на панел-дискусијата „The EU and the Western Balkans: Resolving Unfinished Business Together“ во рамките на Дубровник форумот, посветена на европската перспектива на Западен Балкан.

Во своето обраќање, Муцунски оцени дека концептот на постепена интеграција на земјите кандидати може да биде корисен само доколку претставува пат кон полноправно членство во Европската Унија.

„Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка која ќе создаде трајна чекална без врата кон целосно членство“, порача министерот.

Тој нагласи дека иницијативите како СЕПА и Планот за раст веќе носат конкретни придобивки за регионот преку финансиска поддршка и поттикнување на реформите, оценувајќи дека тие можат да го забрзаат евроинтегративниот процес.

Осврнувајќи се на политиката на проширување, Муцунски истакна дека пристапниот процес треба да биде покредибилен и попредвидлив, со јасно дефинирани стандарди, рокови и резултати. Во однос на идентитетските прашања, тој повтори дека постојат само македонски народ, македонски јазик и македонски идентитет и дека секој обид за нивно оспорување ќе добие соодветен одговор.

Министерот посочи дека Македонија продолжува да ги спроведува реформите и останува целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Говорејќи за односите со Бугарија, Муцунски оцени дека со новата влада во Софија постои можност за разговор за отворените прашања, но и за заедничката европска иднина.

„Нашата намера не е само да ги започнеме пристапните преговори и по неколку месеци повторно да се најдеме во истата ситуација. Нашата цел е да ги започнеме и успешно да ги завршиме врз основа на европското законодавство, Копенхашките и Мадридските критериуми“, истакна тој.

На крајот од своето обраќање, Муцунски ги повика земјите членки на ЕУ од Југоисточна Европа поактивно да ја поддржат европската интеграција на регионот.

„Историската шанса постои. На нас е да ја препознаеме и да ја искористиме за да одиме напред“, порача министерот.

Австрискиот модел може да биде решение за Западен Балкан

Во меѓувреме, германски медиуми анализираат дека концептот на фазно членство, кој годинава го промовираа српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, би можел да претставува практично решение за проширувањето на Европската Унија. Според анализата, моделот не е нов, туку се темели на искуството на Австрија, која постепено се интегрираше во европските економски структури пред да стане полноправна членка во 1995 година.

Во 1958 година, Австрија се соочи со предизвик кој во многу аспекти потсетува на денешните дилеми на балканските земји. Иако Западна Германија веќе тогаш беше нејзин најголем економски партнер, со учество од околу 30 до 40 проценти во австрискиот увоз, Виена не можеше директно да се приклучи кон новоформираната Европска економска заедница (ЕЕЗ).

Причината беше Државниот договор од 1955 година, со кој Австрија се обврза на трајна неутралност. Советскиот Сојуз секое посилно економско поврзување со западните структури го гледаше како можна закана за оваа обврска.

Наместо да ја напушти неутралноста, Австрија избра поинаков пристап и постепена интеграција. Во 1972 година, владата предводена од канцеларот Бруно Крајски склучи договор за слободна трговија со Европската заедница, кој содржеше и посебна „клаузула за неутралност“. Таа ѝ овозможуваше на земјата да ја зачува својата политичка позиција, но истовремено да ги развива економските врски и со Западот и со Истокот.

Следниот голем чекор дојде со создавањето на Европската економска зона. Австрија доби пристап до четирите слободи на единствениот европски пазар, презеде голем дел од европското законодавство и учествуваше во финансиските механизми за кохезија, иако сè уште немаше право на одлучување во институциите на ЕУ.

Полноправното членство во Европската Унија пристигна дури на 1 јануари 1995 година, по референдум на кој 66,6 проценти од австриските граѓани се изјаснија позитивно.

Целиот процес траеше околу 23 години. Австрискиот пример покажа дека европската интеграција не мора секогаш да се случува преку брзи политички одлуки и големи декларации. Таа често се гради постепено и преку економско поврзување, усогласување на стандардите и создавање реални врски со европските структури, кои подоцна само се формализираат со полноправно членство.

Во анализата се наведува дека предлогот на Вучиќ и Рама не предвидува право на вето, дополнителни европски комесари, нови европратеници или автоматски пристап до структурните фондови, што според авторот го прави прифатлив и за Брисел. Сепак, се нагласува дека Србија ќе мора да ги исполни реформските обврски, особено во областа на изборното законодавство, доколку навистина сака да напредува кон членство во ЕУ.

Анализата предупредува и дека додека Европската Унија се двоуми околу проширувањето, Кина значително го зголемува своето економско влијание во Србија преку инвестиции и инфраструктурни проекти, што дополнително ја засилува потребата од побрза европска интеграција на регионот.

Заклучокот е дека Европа се наоѓа пред стратешки избор и дали ќе ја развива постепената интеграција како пат кон членството или ќе дозволи Западниот Балкан да остане во продолжена неизвесност, со ризик од зголемено влијание на други глобални актери.

CATEGORIES
TAGS
Share This