ХАОС ПРЕД ИЗБОРИТЕ Најавена блокада на Изборниот законик
Опозицијата предупредува на ризик од изборни манипулации, додека власта тврди дека станува збор за неопходни реформи.

Измените на Изборниот законик, кои треба да важат за следните парламентарни избори, влегоа во собраниска процедура, но нивното усвојување останува неизвесно по најавите за блокада од опозициските партии СДСМ, Левица и ЛДП.
Предлогот е резултат на работата на меѓупартиската група формирана во Министерството за правда, а зад него стојат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ и ДУИ. Законот се предлага по итна постапка бидејќи е дел од реформите што земјава треба да ги исполни во рамки на Реформската агенда.
Со измените се предвидува македонските државјани во странство да гласаат електронски преку систем на Државната изборна комисија, наместо во амбасадите и конзулатите. Право на електронско гласање ќе имаат сите претходно пријавени гласачи од дијаспората на претседателски и парламентарни избори.
Предлогот предвидува и независните кандидати да обезбедат потписи од најмалку 0,8 проценти од запишаните избирачи. Воедно, се менува распределбата на средствата за политичко рекламирање, при што 42 проценти од државните средства би им припаднале на четирите најголеми партии, двете од власта и двете од опозицијата. Дополнително, се утврдуваат лимити за донации во изборната кампања до 6.000 евра од физичко лице и до 50.000 евра од правно лице.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, изјави дека Левица првично се согласила со компромисот за распределба на средствата, но подоцна се повлекла. Тој најави дека од предлог-законот привремено ќе биде изоставен членот што се однесува на државното финансирање, оставајќи простор Левица да поднесе амандман.
Од Левица, пак, ги отфрлаат ваквите тврдења. Лидерот Димитар Апасиев порача дека партијата ќе ги искористи „сите парламентарни механизми“ за да го спречи усвојувањето на законот доколку останат, како што ги нарече, дискриминаторските одредби за распределба на државните средства.
Блокада најави и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој оцени дека предложените измени отвораат можност за изборни злоупотреби, особено поради воведувањето електронско гласање за дијаспората.
Според него, не постојат доволни механизми за проверка на идентитетот на гласачите и за гарантирање на тајноста на гласањето, што, како што рече, создава ризик од манипулации. Тој потсети дека СДСМ ја напуштила работната група поради несогласувањата околу укинувањето на моделот на „пржинска влада“.
Против предложените измени е и ЛДП. Претседателката на партијата, Моника Зајкова, порача дека без воведување отворени листи, без консензус за правилата за независните кандидати и без еднакво право на електронско гласање за сите граѓани, нивната партија нема да го поддржи законот.
Според неа, суштински реформи не може да се носат без широк политички консензус, а не со договор меѓу дел од политичките партии.
Со најавените блокади од три опозициски партии, останува неизвесно дали измените на Изборниот законик ќе успеат да обезбедат доволна поддршка во Собранието, и покрај тоа што нивното усвојување е важен дел од реформските обврски на државата.


