БАГЕИ СО ОСТРА ПОРАКА ДО САД Иран нема да дозволи Вашингтон да одлучува за војна и мир
Иранскиот портпарол порача дека одлуките за одбраната и дипломатијата се водат исклучиво од националните интереси и безбедноста на земјата.

Иран нема да им дозволи на Соединетите Американски Држави да одредуваат кога ќе започне или ќе заврши војната, порача портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи. На прес-конференција, Багеи истакна дека одлуките на иранското државно раководство во однос на одбраната и дипломатијата се носат исклучиво врз основа на националните интереси и безбедноста на земјата, а не под влијание на надворешен притисок.
Коментарот доаѓа по медиумските наводи дека Иран и САД постигнале согласност за предлог на Пакистан и Катар за воспоставување прекин на огнот и повторно започнување на преговорите. Багеи, сепак, предупреди дека во исто време продолжува испораката на американско оружје во регионот, објави иранската државна телевизија PressTV.
„Не ни се важни американските проблеми. Она што е важно за нас се националните интереси на нашата земја“, рече Багеи.
Тој додава дека одлуките во Иран се носат преку воспоставени институционални механизми. Нагласува дека проценката на националните интереси не зависи од еден фактор, туку од повеќе различни околности, при што клучни се националната безбедност и интересите на државата.
„Иран никогаш не им дозволил и никогаш нема да им дозволи на САД да го диктираат времето на војна и мир“, порача Багеи.
Според него, Иран ќе продолжи да се брани сè додека тоа го бараат националните интереси, но ќе ја искористи дипломатијата секогаш кога ќе процени дека таа може да биде ефикасен инструмент за заштита на интересите на земјата. Багеи воедно го осуди неодамнешниот напад врз ирански трговски брод во Каспиското Море, за кој обвини украински сили. Тој истакна дека Иран никогаш не бил дел од конфликтот меѓу Русија и Украина и предупреди дека, според него, станува збор за незаконски чин кој „нема да остане без одговор“. Иранскиот портпарол ги повика и земјите кои ја поддржуваат Украина да преземат одговорност за ситуацијата.
Осврнувајќи се на односите со соседите, Багеи нагласи дека Иран не сака конфликт со ниту една земја во регионот, иако, како што рече, одредени држави дозволиле нивните територии да бидат користени за напади врз Иран, а во некои случаи и директно учествувале во операциите.
„Ние немаме никакво непријателство кон нив. Напротив, меѓу Иран и земјите од јужниот брег на Персискиот Залив постојат бројни врски и заеднички интереси“, порача Багеи.

