ДИПЛОМАТСКИ СУДИР ВО ОН – САД ја напуштија седницата по критиките од Франција
Вашингтон го обвини Париз за „неискрена морализација“ и обид да им држи лекции на другите држави.

Делегацијата на Соединетите Американски Држави ја напушти седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации за време на обраќањето на францускиот амбасадор, во знак на протест поради претходните критики од Париз кон Вашингтон. Спорот ескалираше по гласањето за продолжување на мандатот на високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк. Француската мисија во Женева претходно ги спореди САД со Северна Кореја и други авторитарни држави, откако Вашингтон гласаше против продолжувањето на мандатот на Турк.
Заменик-претставникот на САД во ОН, Ден Негреа, ја обвини Франција за, како што ја нарече, „неискрена морализација“ и за обиди да им држи лекции на останатите земји.
„Во овој Совет има еден член кој се преправа дека морално негодува и се обидува да ни држи предавања на сите нас за секоја тема, без разлика дали станува збор за конфликтот за кој повторно дискутираме денес или за прашања што не се поврзани со меѓународниот мир и безбедност“ – изјави Негреа.
Тој потврди дека токму поради ваквиот пристап американската делегација ја напуштила салата за време на говорот на францускиот амбасадор. Францускиот амбасадор во ОН, Жером Бонафон, возврати на потегот на американската делегација, потсетувајќи дека САД годинава ја одбележуваат 250-годишнината од своето основање и дека добро е позната улогата што Франција ја одиграла во американската историја.
Тензиите меѓу Вашингтон и Париз започнаа по гласањето во Генералното собрание на ОН, на кое САД беа меѓу десетте држави што гласаа против продолжувањето на четиригодишниот мандат на Фолкер Турк. Против продолжувањето на мандатот гласаа и Северна Кореја, Русија, Никарагва, Аргентина, Израел, Тринидад и Тобаго, Нигер, Буркина Фасо и Мали. По гласањето, Постојаната мисија на Франција при ОН во Женева на социјалната мрежа „Икс“ порача дека САД „порано биле светилник на човековите права, но повеќе не се“.
„Денес тие се рамо до рамо со Северна Кореја, Никарагва, Мали и Русија, изолирани. Светот повеќе не ги слуша – порача француската мисија во објава со ознаката „#AmericaAlone“.
На тоа реагираше американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, кој ја обвини Франција дека со нападите врз Вашингтон се обидува да го одвлече вниманието од сопствената поддршка за Турк.
„Разочарувачки е, иако не е изненадувачки, што Франција се обидува на овој начин да го оправда своето срамно гласање во корист на заштитата на некои од најлошите прекршители на човековите права“ – изјави Валц.
Од друга страна, Бонафон го бранеше ставот на Франција, оценувајќи дека Турк во својот прв мандат покажал „доследност и непристрасност“ во период на зголемени напади врз мултилатералните институции и универзалноста на човековите права.
„Тој беше гласот на совеста, соочувајќи ги државите со реалноста и нивните одговорности“ – рече францускиот амбасадор.
Неименуван американски функционер, запознаен со ставот на Вашингтон, изјави дека американските претставници биле изненадени од, како што го опиша, „дрскиот“ јавен напад од Франција. Тој ги отфрли тврдењата дека спротивставувањето на реизборот на функционер на ОН значи и спротивставување на човековите права. Американскиот функционер, исто така, посочи дека Вашингтон бил изненаден од забрзаното гласање, со оглед на тоа што актуелниот мандат на Турк истекува на 11 октомври.
Со 144 гласа „за“, 10 „против“ и 13 „воздржани“, Генералното собрание на ОН го потврди новиот мандат на Фолкер Турк, кој ќе трае од 12 октомври 2026 година до 11 октомври 2030 година.

