МНОГУ ВОЗАЧИ НЕ ЗНААТ ЗА ОВА ПРАВИЛО ВО ГЕРМАНИЈА Ретровизорите можат да ве издадат
Автомобилите се сè пошироки, а некои модели не смеат да ја користат левата лента во делови од автопатите каде што се изведуваат работи.

Многу возачи кои патуваат низ Германија знаат дека на одредени делови од автопатите нема општо ограничување на брзината. Но, малкумина обрнуваат внимание на едно друго правило кое може да им донесе казна, дури и кога возат во рамките на дозволената брзина. Правилото особено е важно во деловите од патот каде што се изведуваат градежни работи. Таму левата лента често е наменета само за возила чија максимална ширина е ограничена на 2,0 или 2,1 метри.
Она што многу возачи не го знаат е дека при одредувањето на ширината не се зема предвид само податокот наведен во сообраќајната дозвола. Се гледа реалната ширина на возилото, вклучително и со отворените надворешни ретровизори. Токму поради тоа, дел од современите автомобили несвесно ги надминуваат дозволените димензии за движење во ваквата лента. Автомобилите во последните години стануваат сè пошироки, па дури и некои модели од средната класа со ретровизорите ја надминуваат границата од два метри.
Според анализи на германскиот автомобилски клуб ADAC, голем број понови автомобили веќе не ги исполнуваат условите за користење на левата лента во зоните каде што има работи на патот. За непочитување на правилото може да следува глоба од 20 евра. Сепак, последиците може да бидат многу посериозни доколку дојде до сообраќајна несреќа.
Во таков случај, осигурителната компанија може да процени дека возачот сноси дел од одговорноста за настанатата штета бидејќи се движел во лента која била наменета само за потесни возила. Затоа, пред патување низ Германија, експертите советуваат возачите да ја проверат вкупната ширина на својот автомобил со отворени ретровизори, а не само димензиите наведени во техничката документација.
Само неколку сантиметри разлика може да бидат доволни за да следува казна, но и да создадат дополнителни проблеми доколку дојде до сообраќајна незгода.

