АРСЕНАЛ ВО ПОЛУФИНАЛЕ ПО МИРЕН РЕМИ ДУЕЛ – Но Баерн ја украде вечерта по спекатклот со Реал

Баерн и Реал одиграа спектакуларен дуел со дури седум постигнати голови.

АРСЕНАЛ ВО ПОЛУФИНАЛЕ ПО МИРЕН РЕМИ ДУЕЛ – Но Баерн ја украде вечерта по спекатклот со Реал
Фото: Принтскрин

Фудбалерите на Баерн Минхен, со два гола во финишот, уште еднаш го совладаа Реал Мадрид, овојпат со 4:3 на домашен терен, и по вкупни 5:3 обезбедија пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите. Натпреварот понуди вистинска голеада, особено во првото полувреме кога беа постигнати дури пет погодоци, но победникот беше решен дури во завршницата.

Реал поведе уште во 1. минута преку Арда Ѓулер, по грешка на Мануел Нојер. Баерн брзо се врати во игра, па Павловиќ израмни во 6. минута по корнер. Во 29. минута Ѓулер со одличен слободен удар повторно донесе водство за гостите (1:2), но Хари Кејн во 38. минута израмни на 2:2. Пред паузата, Килијан Мбапе во 42. минута погоди за ново водство на Реал од 2:3.

Во второто полувреме темпото опадна, но Баерн постепено ја презеде иницијативата. Клучен момент беше исклучувањето на Камавинга во 86. минута по втор жолт картон. Само две минути подоцна Луис Дијаз постигна гол за 3:3, а во судиското продолжение Мајкл Олисе со погодок во 94. минута ја потврди победата и пласманот на Баерн меѓу најдобрите четири.

Во вториот натпревар, Арсенал исто така обезбеди полуфинале. Лондончани одиграа 0:0 против Спортинг Лисабон на домашен терен и благодарение на победата во првиот меч  од 0:1 продолжуваат понатаму.

За „топчиите“ ова е второ последователно полуфинале во Лигата на шампионите, откако и минатата сезона стигнаа до оваа фаза по пауза од повеќе од 15 години, но тогаш беа елиминирани од идниот шампион ПСЖ.

CATEGORIES
Share This