ПЛАНОВИ НА УЕФА – Посетата на Чеферин отвора ново поглавје за фудбалска Македонија

Средбите во Скопје отвораат прашања за нови инвестиции и идни проекти во македонскиот спорт.

ПЛАНОВИ НА УЕФА – Посетата на Чеферин отвора ново поглавје за фудбалска Македонија
Фото: Принтскрин

Македонската „Куќа на фудбалот“ денес е во центарот на европските фудбалски случувања, поради официјалната посета на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, кој престојува во Скопје на покана на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.

Посетата има пошироко значење од протоколарен карактер и се смета за потврда на добрите односи меѓу Фудбалската федерација на Македонија и европската фудбалска организација, како и на континуираната поддршка од Чеферин за развојните процеси во македонскиот фудбал.

Делегацијата на УЕФА, во која се и високите функционери Зоран Лаковиќ и Денис Бастари, го започна денот со официјални средби на највисоко државно ниво. Чеферин разговараше со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.

Средбите беа насочени кон унапредување на соработката меѓу државните институции и фудбалските организации, со посебен акцент на стратешките инвестиции во спортот.

На работниот состанок во ФФМ беа разгледани неколку клучни приоритети за иднината како што се подобрување и изградба на спортска инфраструктура низ целата држава, поддршка и развој на младинските фудбалски категории и академии и нови заеднички проекти под покровителство на УЕФА

Според оценките, Чеферин со години има позитивен став кон македонскиот фудбал, а неговата посета се толкува како дополнителна потврда дека тековните проекти на раководството на ФФМ се препознаени и поддржани на европско ниво. Македонија останува важен партнер во рамките на европското фудбалско семејство, со очекување за понатамошен развој и подобрување на условите за сите нивоа на фудбалот.

CATEGORIES
Share This