НИЕ НЕКАДЕ ТРГНАВМЕ, АМА НИКАДЕ НЕ СТИГНАВМЕ Дуковски и Унковски со „Црно злато“ ја отвораат болната семејна вистина
Драмата посветена на Горан Стефановски ги отвора темите за идентитетот, различностите, љубовта и судирот со патријархалните вредности.

Македонскиот народен театар синоќа ја изведе претпремиерната изведба на претставата „Црно злато“, работена според текст на драматургот Дејан Дуковски, во режија на Слободан Унковски. Официјалната премиера е закажана за петок, 27 ноември, на Големата сцена на МНТ.
Во центарот на драмата е едно семејство во кое враќањето на Анѓела ги отвора долго премолчуваните конфликти и ги става на испит односите меѓу родителите и децата. Преку семејната приказна, претставата ги отвора темите за родовиот идентитет, прифаќањето на различностите, љубовта и последиците од општествената транзиција.
Режисерот Слободан Унковски на прес-конференцијата истакна дека во процесот на работа со актерската екипа акцентот бил ставен врз настаните, сценската динамика и енергијата. Преку дилемите на ликовите, како што посочи, тимот се обидел да отвори прашања за различните облици на љубов, комуникацијата и личниот идентитет.
Авторот Дејан Дуковски откри дека почетниот мотив за приказната го пронашол во драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле. Текстот на „Црно злато“ му го посветил на својот професор Горан Стефановски, од чие творештво, како што рече, се чувствуваат влијанија и во ова дело. За Дуковски ова е десетта претстава во Македонскиот народен театар и петта соработка со режисерот Унковски.
„Затоа што Горан е мојот учител. Многу научив од Горан, за драматургија и општо за животот“, рече Дуковски.
Говорејќи за насловот, драматургот го поврза со опиумот и богатството што го носел неговото производство. Тој потсети дека Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век била значаен производител на опиум, познат по својот квалитет.
Актерката Камка Тоциновски, која го толкува ликот на Анѓела, посочи дека на улогата работела два месеца, а најголемиот предизвик биле брзите и интензивни емотивни промени низ кои минува нејзиниот лик. Според неа, Анѓела се враќа во семејството со веќе изградено чувство за сопствениот идентитет, со што ги става на испит патријархалните норми и подготвеноста на најблиските да ја прифатат.
„И мислам дека клучната реплика во оваа драма е: ‘Ние некаде тргнавме, ама никаде не стигнавме’“, истакна Тоциновски.
Нејзиниот колега Јовица Михајловски, кој го игра таткото Димитрие, во својот лик препознава архетип на човек вкоренет во патријархалната средина, кој тешко ги прифаќа различностите. Во претставата, покрај Михајловски и Тоциновски, играат Мими Таневска, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет.
Сценографијата е на Бранко Хојник, костимографијата на Александар Ношпал, а музиката е на Златко Ориѓански. Директорот на МНТ, Никола Кимовски, им се заблагодари на актерската, креативната и техничката екипа за реализацијата на претставата.
Драмата „Црно злато“ својата праизведба ја имаше на 14 март годинава во Белградскиот драмски театар, во режија на Оливер Фрљиќ. Белградската постановка на 26 октомври го отвори фестивалот РУТА во Драмскиот театар во Скопје.
Унковски најави и нова соработка со Дуковски, овојпат на сценска адаптација на романот „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, наменета за театар во Солун. Според најавите на режисерот, премиерата би можела да се одржи на почетокот на 2027 година.
По премиерата, „Црно злато“ ќе биде на репертоарот на МНТ на 1, 4 и 29 декември, со почеток во 20 часот. Билетите се достапни преку веб-страницата и билетарницата на театарот.

