АНГЛИЈА, КОЛУМБИЈА И ГАНА СО ПОБЕДИ Португалија запрена од историскиот бод на ДР Конго

Првото коло носи изненадувања и аутсајдерите покажаа заби на Мундијалот.

АНГЛИЈА, КОЛУМБИЈА И ГАНА СО ПОБЕДИ Португалија запрена од историскиот бод на ДР Конго
Фото: Принтскрин

Возбудливо продолжи првото коло на Светското фудбалско првенство 2026, каде што репрезентациите на Англија, Колумбија и Гана стигнаа до важни победи, додека Португалија не успеа да го совлада аутсајдерот ДР Конго.

Англија со импресивна офанзивна игра го започна настапот на Мундијалот, совладувајќи ја Хрватска со 4:2 во натпреварот одигран во Далас. Избраниците на Томас Тухел уште од почетокот покажаа големи амбиции и со шест голови приредија вистински спектакл.

Англија поведе во 9. минута откако Лука Модриќ направи прекршок во шеснаесетникот над Нони Мадуеке. Хари Кејн не реализираше од првиот обид, но ударот беше повторен поради престап на голманот Доминик Ливаковиќ. Во вториот обид капитенот на Англија беше прецизен.

Хрватска се врати во игра во 36. минута преку Мартин Батурина, но Кејн повторно ја врати предноста за Англија пред паузата. Во финишот на првото полувреме Петар Муса израмни на 2:2, но во вториот дел Џуд Белингам и Маркус Рашфорд ја обезбедија победата за англиската селекција.

Колумбија, пак, со сигурна игра славеше против Узбекистан со 3:1 во Мексико Сити. Даниел Муњоз, Луис Дијаз и Хаминтон Кампас беа стрелци за јужноамериканската селекција, додека единствениот погодок за Узбекистан го постигна Абосбек Фајзулаев.

Со оваа победа Колумбија се искачи на врвот во групата К со три бода, додека Португалија и ДР Конго имаат по еден бод.

Во групата Л, Гана обезбеди минимална победа од 1:0 против Панама. Решавачкиот момент се случи во 95. минута, кога Калеб Јиренки го постигна единствениот гол и ѝ донесе големи три бода на африканската селекција.

Најголемо изненадување приреди ДР Конго, која освои историски бод против Португалија во ремито 1:1 во Хјустон. Португалците поведоа уште во 6. минута преку Жоао Невеш, но ДР Конго возврати во финишот од првото полувреме со голот на Виза.

Во вториот дел Португалија имаше поголем посед и неколку шанси, но не успеа да го пронајде патот до победата. Жоао Кансело постигна атрактивен погодок со „ножички“, но тој беше поништен поради офсајд.

Кристијано Роналдо испиша историја како најстар стартер на едно Светско првенство, но не успеа да се запише во листата на стрелци. ДР Конго со голема борбеност ја зачува мрежата и стигна до првиот бод во историјата на мундијалските настапи.

CATEGORIES
Share This