АКЦИЈА ВО СКОПЈЕ Пет лица паднаа под сомнение за терористичка организација
При претресите во Скопје биле одземени дигитални уреди и електронска опрема, а против пет лица е поднесена кривична пријава.

Во координирана акција на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР), под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 16 јуни 2026 година беа извршени претреси на повеќе локации во Скопје.
Акцијата е дел од предистражна постапка поврзана со кривично дело „Терористичка организација“ од член 394-а од Кривичниот законик. При претресите биле пронајдени и одземени дигитални уреди и друга електронска опрема, кои ќе бидат предмет на понатамошна анализа.
Во постапката се опфатени пет лица за кои, според надлежните институции, постои основано сомнение дека се поврзани со кривичното дело „Терористичка организација“. Против нив е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
За две од лицата е определена мерка притвор, односно домашен притвор, додека останатите три лица веќе се наоѓаат во казнено-поправни установи, каде издржуваат затворска казна или се под мерка притвор за други кривични дела поврзани со тероризам.
Од АНБ информираат дека активностите се преземени врз основа на претходно обезбедени сознанија, како и информации добиени преку меѓународна стратешка соработка.
Според агенцијата, осомничените биле идеолошки поддржувачи на терористичката организација „Исламска држава“ и во изминатиот период преземале активности за воспоставување контакти со пропагандни канали поврзани со организацијата. Дополнително, се сомничи дека работеле на создавање локална мрежа за ширење екстремистички и насилни содржини со цел поттикнување терористички активности.
Од АНБ додаваат дека дел од активностите на групата вклучувале и обезбедување логистичка поддршка на други лица кои претходно биле опфатени во контратерористички постапки.
Агенцијата за национална безбедност порача дека останува посветена на превентивното делување и навремено спречување на ризици и закани по националната безбедност, со цел заштита на уставниот поредок и безбедноста на граѓаните.


