ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ПАДНАА НА БАДИНТЕР – Неизвесност за независните кандидати

Иако Собранието е распуштено по распишувањето на локалните избори, беше закажана итна седница за овие измени

ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК ПАДНАА НА БАДИНТЕР – Неизвесност за независните кандидати
Фото: Национал

На итна седница, Собранието не ги донесе измените на Изборниот законик кои требаше да ја олеснат процедурата за учество на независни кандидати на претстојните локални избори.

Предлогот предвидуваше бројот на потребни потписи да се намали од 0,95% на 0,5% од запишаните избирачи во изборната единица. Иако мнозинството пратеници го поддржаа предлогот, измените не поминаа поради тоа што паднаа на Бадентеровото гласање, кое е задолжително за изборните прашања.

Според резултатите, „за“ гласаа 67 пратеници, „против“ 18, без воздржани. Но, при гласањето според Бадентер, од 29 присутни пратеници од немнозинските заедници, „за“ беа само 11, а „против“ 18.

Опозицискиот Европски фронт оцени дека измените се во интерес на власта и претставуваат обид за уривање на Бадентеровиот механизам од Охридскиот договор.

„Првпат изборен закон се носи без компромис и консултација со опозицијата“, изјави Елми Азири.

Од владејачката коалиција ВРЕДИ одговорија дека опозицијата манипулира и сака да создаде забуна околу правилата за кандидатура, додека нивната цел е да обезбедат достоинствен изборен процес.

Иако Собранието е распуштено по распишувањето на локалните избори, беше закажана итна седница за овие измени. Но со нивното недонесување, останува неизвесно дали и под кои услови независните кандидати ќе можат да се натпреваруваат на изборите на 19 октомври.

CATEGORIES
TAGS
Share This