ПО БОЈКОТОТ НА 80 МАКЕДОНСКИ ИГРАОРЦИ, МЕЛБУРН ПОПУШТИ Знамето од Кутлеш повторно ќе биде дозволено

По повлекувањето на 80 играорци од традиционалната парада „Мумба 2026“, градските власти признаа дека забраната имала негативно влијание врз македонската заедница и најавија дека знамето ќе може повторно да се истакнува од 2027 година.

ПО БОЈКОТОТ НА 80 МАКЕДОНСКИ ИГРАОРЦИ, МЕЛБУРН ПОПУШТИ Знамето од Кутлеш повторно ќе биде дозволено
Фото: Национал

Градските власти на австралискиот град Мелбурн упатија извинување до македонската заедница по контроверзната забрана за истакнување на знамето со Сонцето од Кутлеш на традиционалната градска парада „Мумба“ во март годинава. По силните реакции и бојкотот на македонските фолклорни групи, Советот на Мелбурн најави дека знамето повторно ќе биде дозволено на идните изданија на манифестацијата, објави „Еј-би-си њуз“.

Контроверзијата започна кога градоначалникот на Мелбурн, Николас Рис, и Градскиот совет донесоа директива според која учесниците на фестивалот „Мумба 2026“ можеле да истакнуваат исклучиво официјални државни знамиња на земјите од кои потекнуваат. Со оваа одлука, на македонските фолклорни и играорни групи им беше дозволено да го користат само официјалното државно знаме, додека знамето со Сонцето од Кутлеш, кое за голем дел од македонското иселеништво претставува важен етнички и културен симбол, беше забрането.

Одлуката предизвика револт и разочарување во македонската заедница, по што сите македонски фолклорни и играорни групи одлучија да не учествуваат на традиционалната парада, на која секоја година се слави културната и етничката разноликост на заедниците во Австралија. Особено силна реакција имаше Федерацијата на македонските културно-уметнички друштва (ФОМКУД), која повлече 80 играорци од настанот.

По протестот, Градскиот совет спроведе независна проверка, при што било утврдено дека забраната имала „значително и ненамерно негативно влијание“ врз македонската заедница. Во писменото извинување, претставничката на Советот, Сара Квон, признала дека одлуката предизвикала чувство кај многу играорци, семејства и членови на заедницата дека нивниот културен идентитет и наследство не биле почитувани или соодветно разбрани.

„Искрено се извинувам“, напишала Квон, додавајќи дека Советот ја поканил ФОМКУД да учествува на парадата во 2027 година, со можност повторно да го истакне знамето со Сонцето од Вергина.

Секретарот на ФОМКУД, Стој Јовевски, ја поздравил одлуката и истакнал дека македонската заедница чувствува олеснување по најавеното повлекување на забраната.

„Ги обединува сите Македонци под едно знаме, под еден јазик, под една култура и традиција“, изјавил Јовевски.

Тој оценил дека одлуката на Советот претставува победа не само за Македонците, туку и за другите малцински заедници кои се соочуваат со ограничувања при изразувањето на својот идентитет и култура. Сепак, одлуката предизвикала незадоволство кај грчкото Панмакедонско здружение на Мелбурн и Викторија, кое претходно ја поддржало забраната. Од здружението го критикувале Советот затоа што не се консултирал со нивната заедница пред да ја промени првичната одлука.

„Се чувствуваме како да ни го одземаат сопствениот идентитет. Многу сме вознемирени што воопшто не нè консултираа“, изјавил претседателот на здружението, Питер Стефанидис.

CATEGORIES
TAGS
Share This