ЌЕРКАТА НА ПРВООБВИНЕТИОТ ДЕНЕСКА СВЕДОЧИ ЗА ПУЛС Продолжува судењето за трагедијата во Кочани
На претходното рочиште вештакот Горан Марковски упати сериозни забелешки за вештачењата на одбраната, додека обвинителството изрази сомнеж дека се прават обиди за одолжување на постапката.

Со сведочење на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов денеска продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Рочиштето се одржува во судницата во затворот „Идризово“, во рамки на Основниот кривичен суд Скопје.
На претходното рочиште, вештакот Горан Марковски од Градежниот факултет при УКИМ изнесе низа забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата нарачани од одбраната на првообвинетиот. Тој оцени дека во нив има селективен пристап, изоставување релевантни факти, но и навлегување во области за кои вештото лице немало соодветна стручност.
На почетокот на претходното рочиште, Јавното обвинителство изнесе забелешки за предлогот за вештачење од Мирослав Грчев, како и за начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите. Обвинителството оцени дека постојат тенденции за одолжување на судската постапка.
Одбраната, пак, возврати дека редоследот на изведување на доказите досега бил менуван со согласност на странките и дека секоја одбрана самостојно ја утврдува својата теорија и стратегија на одбрана.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на музичката група ДНК.
Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

