КОЛКУ УШТЕ ТРАГЕДИИ ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧАТ Филипче повика на протест во Охрид
Лидерот на СДСМ повика на масовен протест во Охрид за сите жртви на насилство: „Ова не е протест само за Сара, туку за да не ни се случат и други Сари“

Протестот во Охрид не е само за Сара, туку за сите жртви на насилство и за да се спречат нови трагедии. Ова го порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повикувајќи ги граѓаните да го искажат својот гнев поради, како што рече, непостапувањето на надлежните институции.
Филипче нагласи дека целта на протестот не е политичко профитирање, туку мобилизирање на јавноста и создавање притисок врз институциите конечно да преземат одговорност и да почнат да ја вршат својата работа.
„Ова не е протест само за Сара, туку за да не ни се случат и други Сари. Тоа е целта на нашиот протест да се подигне свеста и конечно институциите да го направат она што треба и да си ја вршат работата. Затоа што без ваков наш притисок, но и притисокот на јавноста и на граѓанските организации, очигледно ништо нема да се случи“ рече Филипче.
Лидерот на СДСМ потсети на бројните случаи на фемицид, семејно насилство и насилство врз жените во изминатиот период, оценувајќи дека тие се показател за сериозни слабости во системот за безбедност и заштита на граѓаните. Тој упати критики кон министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го дека не се посветува доволно на проблемот со насилството врз жените и институционалните пропусти во постапувањето по ваквите случаи.
„Погледнете го министерот Панче Тошковски со сè што се занимава, само со тоа не се занимава, додека жени се самоубиваат со деца, гинат на лице место, додека жени се убиени во државата, и овој случај како вчерашниов, во кој, замислете, МВР и обвинителството го пуштило момчето дома“ изјави Филипче.
Тој додаде дека СДСМ реагирал на секој случај на насилство и постави прашање колку трагедии и скандали се потребни за институциите конечно да почнат да функционираат.
„Ние секогаш реагираме. Немало настан на кој што не сме изреагирале. Што е тоа што треба да се случи за конечно институциите да работат како што треба? Што треба да биде доволно голем скандал, престап или трагедија во нашето општество за институциите да работат“? праша Филипче.
Тој ги повика граѓаните да се приклучат на протестот во Охрид, нагласувајќи дека станува збор за заеднички повик за одговорност, а не за партиски собир.
„Целта на овој протест, без разлика што сме ние политичка партија, е за доброто на граѓаните. Ова не е протест за освојување политички поени, туку за мобилизирање на граѓаните и искажување на гневот што реално го чувствуваат поради непостапувањето на институциите. Ова е само силен сигнал дека луѓето се свесни, дека добро ги следат случувањата, дека знаат што се случува и дека треба да се реагира, за жал на овој начин, за вакви случаи повеќе да нема“ порача Филипче.

