ЈАПОНИЈА ОДБЕЛЕЖА 80 ГОДИНИ ОД АТОМСКАТА БОМБА ВРЗ ХИРОШИМА: Апел за свет без нуклеарно оружје
Со тивка молитва и силни пораки за мир, Јапонија денеска ја одбележа 80-годишнината од фрлањето на атомската бомба врз Хирошима – еден од најстрашните настани во историјата на човештвото.

На комеморацијата присуствуваа јапонскиот премиер Шигеру Ишиба, градоначалникот на Хирошима Казуми Мацуи, преживеани од бомбата, како и официјални лица од целиот свет.
Мацуи предупреди на новата глобална трка за вооружување и идејата дека нуклеарното оружје е клучно за националната безбедност. „Ова е грубо непочитување на лекциите од трагедиите во минатото“, истакна тој, повикувајќи ја јапонската влада да го ратификува Договорот за забрана на нуклеарното оружје.
Преживеани од нападот, како Шинго Наито и Сатоши Танака, ги споделија своите трауми. „Татко ми беше заслепен и изгорен, кожата му висеше. Не можеше ниту да ме прегрне“, рече Наито, кој тогаш имал шест години. Танака, пак, ја поврза страотната слика од Хирошима со денешното страдање во Газа и Украина.
Атомските напади врз Хирошима и Нагасаки во 1945 година усмртија над 200.000 луѓе. Осум децении подоцна, светот сè уште е далеку од целосно ослободување од заканата на нуклеарното оружје.


