ТОШКОВСКИ СО НАЈАВА Ќе се прекине партизацијата во МВР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во гостувањето во емисијата „Вести Плус“, најави сериозни реформи во Министерството, со јасна порака дека ќе се стави крај на партизацијата и дека институциите ќе функционираат врз основа на професионализам, искуство и квалификации.
„Ќе се прекине праксата во која, без соодветна стручност и искуство, лица добиваат високи функции. Видовме примери каде продавачка од маркет станала виш инспектор – тоа е неприфатливо“, изјави Тошковски.
Министерот подвлече дека нема да бидат избркани 2.500 вработени, како што се шпекулираше, но дека за раководни позиции ќе бидат избрани околу 500 лица со соодветно работно искуство и стручни компетенции, без партиски влијанија.
Во однос на безбедноста, Тошковски го истакна и значењето на проектот „Сејф сити“, при што нагласи дека безбедносните камери треба да функционираат 24 часа, а нивната цел не е казнување по секоја цена, туку заштита на животите.
„Целта не е полнење на буџетот, туку што помалку жртви на улиците, особено со смртни последици“, нагласи Тошковски, потенцирајќи ја потребата од системски пристап во зголемувањето на јавната безбедност.


