МАКСИМ ДЕНЕСКА ПОСТАВУВА ЦРВЕНИ ЛИНИ А во времето на Заев гласаше за договорите со Бугарија и Грција
Но неговото политичко минато отвора прашање: како се усогласуваат денешните црвени линии со поддршката што ја даде за договорите во времето на Заев?

Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, испрати јасна порака дека партијата нема да отстапи од ставот правосудниот испит да се полага исклучиво на македонски јазик, ниту ќе прифати нови еднострани отстапки во врска со уставните измени.
Од ЗНАМ порачуваат дека за овие прашања нема простор за политички пазарења, импровизации и отстапување од државните интереси.
Во однос на правосудниот испит, Димитриевски беше дециден дека ставот на ЗНАМ е непроменет, бидејќи станува збор за прашање што директно го засега функционирањето на правосудниот систем и уставниот поредок. Тој најави дека ќе побара лидерска средба со владините партнери за отворено да се дефинираат црвените линии на партијата.
„Премиерот апсолутно го знае нашиот став. Подготвени сме за разговори, но ќе побарам лидерска средба со владините партнери за отворено да ги дефинираме црвените линии. Ова не е прашање за дневнополитичко надмудрување, туку прашање за иднината на државата и правосудниот систем. За ЗНАМ тука нема простор за импровизации и политички пазарења. Правосудниот испит ќе се полага само на македонски јазик“, порача Димитриевски.
Тој нагласи дека ЗНАМ останува доследно на своите принципи и на обврската да ги брани државните интереси.
Но, денешните цврсти позиции на лидерот на ЗНАМ отвораат и прашања за неговото политичко минато. Имено, во 2017 и 2018 година, кога беше пратеник и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитриевски беше дел од политичката структура на Зоран Заев, во периодот кога се носеа и поддржуваа договорите со Бугарија и Грција.
Токму затоа се наметнува прашањето како денешните црвени линии на Димитриевски се вклопуваат со неговата тогашна политичка позиција и поддршката за договорите што донесоа промени во државното име и отворија сериозни прашања за македонскиот идентитет, јазикот и историското наследство.
Димитриевски денес порачува дека нема да дозволи нови отстапки и дека државните интереси не се предмет на политички договори. Но, дали јавноста има право да добие одговор и за неговата улога во политиките од времето кога се носеа одлуките што денес ги критикува?
Од некогашна поддршка за договорите со соседите до денешните црвени линии – политичкото минато на Димитриевски повторно станува тема за јавна дебата.

