ОД 33 НА 15, ПА КОН 10% – Македонија во нова трговска офанзива со САД
Конечната одлука за царинската стапка се очекува до крајот на септември, кога, според Николовски, Владата официјално ќе ја соопшти договорената стапка.

Американските царини за македонски производи, кои во моментов изнесуваат 15 отсто, би можеле да се намалат на 10 проценти, изјави директорот на Царинската управа, Бобан Николовски. Тој посочи дека преговорите со САД ќе се интензивираат во втората половина на август, по завршувањето на летните одмори.
„Стапката од 15 отсто не е конечна. Ова е резултат на дипломатски напори на нашата Влада, која преку континуирани разговори со администрацијата на претседателот Трамп успеа да ги намали царините од 33 на 15 проценти. Министерството за финансии верува дека можеме да стигнеме до 10 проценти“, изјави Николовски на денешната прес-конференција.
Тој потсети дека Македонија сега е на исто царинско ниво со Европската унија, додека во Швајцарија царинската стапка изнесува 39 отсто.
Намалувањето следува по новата извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, со која се воведуваат царини за земјите кои немаат трговски договор со САД. Според таа одлука, Македонија, заедно со ЕУ, Хрватска и Словенија, добива царина од 15 отсто, Црна Гора 10 отсто, додека Србија ќе се соочи со стапка од 35 проценти, а Босна и Херцеговина со 30.
Конечната одлука за царинската стапка се очекува до крајот на септември, кога, според Николовски, Владата официјално ќе ја соопшти договорената стапка.


