ЗАКОНИТЕ ГО ШТИТАТ КОЦЕВСКИ – Смена дури по изборите
Мицкоски нагласи дека, доколку Коцевски се одлучи да поднесе оставка, постапката за избор на нов обвинител би се соочила со истите законски пречки поради изборите

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата во моментов нема правна можност да го разреши републичкиот јавен обвинител Љубомир Коцевски, иако тој доби недоверба од Собранието. Причината, како што рече, се ограничувањата во изборниот период.
„И да сакаме, сега не можеме ништо да преземеме, бидејќи влегуваме во изборен процес. Очекуваме изборите да се распишат кон крајот на следната недела, што значи дека сите постапки за избори и именувања се стопирани – изјави Мицкоски.
Според него, Коцевски останува на функцијата и покрај тоа што доби поддршка од пратениците на поранешната владејачка коалиција ДУИ-СДСМ, што, според Мицкоски, покажува каде е неговата лојалност.
„Вистината е дека тој и понатаму е лојален на тие што му ја дале првичната поддршка. Гласањето во Собранието го покажа тоа“- истакна премиерот.
Мицкоски нагласи дека, доколку Коцевски се одлучи да поднесе оставка, постапката за избор на нов обвинител би се соочила со истите законски пречки поради изборите. До избор на нов носител на функцијата, неговите обврски ќе ги преземат заменик-обвинителите.
„Тоа важи не само за јавниот обвинител, туку и за други институции во слична ситуација“ – додаде тој.
Во понеделникот, Собранието ја изгласа интерпелацијата за Коцевски, но без правно дејство, што значи дека неговото останување на функцијата зависи од негова лична одлука или евентуални чекори од Владата по изборите.
Коцевски, пак, во интервју за весникот Вечер, изјави дека нема намера да поднесе оставка и дека ќе продолжи уште поенергично да работи, особено на случаите „Онкологија“, „Пулс“ и „Крмзов“, за кои тврди дека има силни докази.
Во однос на неодамнешното поништување на конкурсот за избор на судија во Европскиот суд за човекови права, Мицкоски соопшти дека е формирана нова комисија, составена од претставници на правосудните институции.
„Нека одлучат тие кој кандидат е најдобар“ – рече премиерот.


