ПО НАПАДОТ НА САД ВРЗ ИРАН – Израел аплаудира, Иран најавува последици и бара итна седница на ОН

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп од Белата куќа потврди дека американските бомбардери во текот на ноќта погодиле три ирански нуклеарни постројки и, според него, целосно ги уништиле.

ПО НАПАДОТ НА САД ВРЗ ИРАН – Израел аплаудира, Иран најавува последици и бара итна седница на ОН
Фото: Принтскрин

Израелските државни лидери – премиерот Бенјамин Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и министерот за надворешни работи Гидеон Сар упатија пофалби и благодарност до американскиот претседател Доналд Трамп за воздушниот напад на САД врз иранските нуклеарни објекти, оценувајќи го како „историски чекор“ и исполнување на одамна дадено ветување.

Во своето јавно обраќање, премиерот Нетанјаху изјави дека нападите се резултат на тесна координација меѓу американските сили и Израелските одбранбени сили (ИДФ), и го истакна Трамп како лидер кој „го води слободниот свет со сила“.

„На почетокот на операцијата ви ветив дека иранските нуклеарни капацитети ќе бидат уништени. Денес, тоа ветување е исполнето,“ рече Нетанјаху. Тој додаде дека веднаш по нападите добил телефонски повик од американскиот претседател, кој му честитал за успешната координација и искажал поддршка за Израел. Разговорот беше топол и трогателен. Трамп му честиташе на израелскиот народ и на армијата, нарекувајќи го Израел незаменлив сојузник,“ изјави премиерот.

Министерот за надворешни работи, Гидеон Сар, на социјалната мрежа X оцени дека одлуката на Трамп е „храбар чин што ќе се памети“, истакнувајќи дека тој „го напиша своето име со златни букви во историјата“.

И претседателот Исак Херцог не остана без коментар, нагласувајќи дека овој потег претставува триумф на „слободата, одговорноста и безбедноста“ и изрази надеж дека ќе придонесе кон посветла иднина за Блискиот Исток, како и кон ослободување на израелските заложници во Газа.

Стигна и првата рекација од Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, остро реагираше на американските воздушни напади врз нуклеарните објекти во Иран, предупредувајќи дека тие ќе имаат трајни последици.

Во објава на својот профил на мрежата X, Аракчи порача дека Иран ги задржува сите опции за одговор, пренесе Times of Israel.

„Настаните од утрово се скандалозни и ќе имаат долгорочни последици. Во согласност со Повелбата на Обединетите нации и правото на самоодбрана, Иран разгледува сите можности за заштита на својот суверенитет, интереси и народ“ – напиша Аракчи.

Тој додаде дека Соединетите Американски Држави, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, извршиле сериозно кршење на Повелбата и меѓународното право со нападите врз иранските мирнодопски нуклеарни постројки.

„Секоја земја членка на ОН треба да биде длабоко вознемирена од овој опасен чин на беззаконие и криминално однесување“ додаде шефот на иранската дипломатија.

Аракчи е првиот висок ирански функционер кој јавно се огласи по нападите на САД врз нуклеарните објекти во Исфахан, Фордо и Натанз.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп од Белата куќа потврди дека американските бомбардери во текот на ноќта погодиле три ирански нуклеарни постројки и, според него, целосно ги уништиле.

Исто така, Иран поднесе официјално барање до Советот за безбедност на Обединетите нации за итна седница, реагирајќи на, како што наведува, „нелегалните американски напади врз нуклеарни постројки“ на неговата територија. Според писмо објавено во неделата, Техеран ги повика членовите на Советот да ги осудат дејствијата на САД, кои ги нарекува „сериозна закана за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност“.

Во писмото, иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани, потврди дека мета на нападите биле клучните нуклеарни објекти во Фордоу, Натанц и Исфахан, кои биле погодени во раните утрински часови во неделата.

Иравани истакна дека овие постројки работат под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со што дополнително се нагласува тежината на нападите.

Иранската дипломатска мисија смета дека нападите претставуваат прекршување на Повелбата на ОН, како и на Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), на кој Иран е потписник. Во писмото се бара од Советот за безбедност да преземе итни чекори за да го истражи настанот, да го осуди прекршувањето на меѓународното право и да обезбеди дека одговорните ќе бидат соодветно санкционирани.

CATEGORIES
TAGS
Share This