ИРАЕЛ ЈА ПОЧНА ОПЕРАЦИЈАТА ИСПРАВЕН ЛАВ Иран возврати – ќе има последици

Ситуацијата на Блискиот Исток добива нова, алармантна димензија, а светската јавност со загриженост ја следи можната ескалација во отворен вооружен конфликт.

ИРАЕЛ ЈА ПОЧНА ОПЕРАЦИЈАТА ИСПРАВЕН ЛАВ Иран возврати – ќе има последици
Фото: Принтскрин

Израел во раните утрински часови изврши воздушен напад врз Иран, при што како цели биле одредени клучни воени и нуклеарни објекти, меѓу кои и стратешкиот комплекс за збогатување ураниум – Натанз. Операцијата, според израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, има за цел да ја елиминира егзистенцијалната закана по Израел што, како што тврди, ја претставува иранската нуклеарна програма.

Нетанјаху ја објави офанзивата во 3:30 часот по локално време, најавувајќи ја како почеток на поширока воена акција под кодното име „Исправен Лав“. Израелските сили, според официјални извори, ликвидирале дузина високи ирански воени функционери и научници.

Меѓу убиените се и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Иран, Мохамед Багери, командантот на Централниот штаб „Хатам ел-Анбија“, како и командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Хосеин Салами. Погодени се и најмалку шест нуклеарни научници.

Како одговор, Иран испрати над 100 дронови кон израелска територија, но според првичните информации, тие не предизвикале значителна штета. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, најави жесток одговор, наведувајќи дека „ционистичкиот режим ја подготвил својата горчлива судбина“.

Во јавноста во Иран владее гнев и револт. Дел од граѓаните сметаат дека Израел мора да се соочи со последици.

„Тие сакаат да ни ја одземат нуклеарната способност. Тоа е неприфатливо. Многу наши граѓани работеа напорно за тоа,“ изјави еден жител на Техеран.

Друг додава:

„Колку долго ќе живееме во страв? Ги убија нашите професори и сега преговараат. За што? Што ни остана?“

Од Вашингтон, првично дојде воздржан став, со информации дека САД биле информирани за нападот, но не учествувале во него. Сепак, попладнево, американскиот претседател Доналд Трамп остро го предупреди Иран дека ќе се соочи со уште посилни израелски удари доколку не постигне договор за нуклеарната програма. Нова рунда преговори помеѓу Техеран и Вашингтон е закажана за утре во Оман.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека по ударите не е регистрирано зголемено ниво на радијација, но остро ги осуди нападите врз нуклеарни објекти.

„Ги повикувам сите страни на максимална воздржаност. Напади врз нуклеарни постројки можат да имаат катастрофални последици не само за Иран, туку и за целиот регион и пошироко,“ изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Мариано Гроси.

Во меѓувреме, медиумите јавуваат дека во неколку израелски градови граѓаните масовно купуваат залихи храна и вода, во страв од нови ирански напади.

Ситуацијата на Блискиот Исток добива нова, алармантна димензија, а светската јавност со загриженост ја следи можната ескалација во отворен вооружен конфликт.

CATEGORIES
Share This