ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Решение за еднаква вредност на гласот?

Оваа ситуација ја доведува во прашање еднаквоста на гласот. Имено, ако во некоја изборна единица е потребно 8.000 гласови за да се избере пратеник, додека во друга доволни се само 6.650, тоа создава систем во кој гласот на еден граѓанин има поголема тежина во одредени региони.

ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА Решение за еднаква вредност на гласот?
Фото: Принтскрин

Македонскиот изборен систем, кој се базира на шест изборни единици со по 20 пратеници, сè почесто се наоѓа на мета на критики поради наводната неправедност и пристрасност, особено во однос на застапеноста на етничките заедници. Анализите укажуваат дека актуелниот модел овозможува значајна нерамнотежа во вредноста на гласот, особено меѓу изборните единици со различна етничка структура.

Клучната забелешка се однесува на разликите во излезноста меѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Според податоците од последните изборни циклуси, излезноста во источните изборни единици, каде што мнозинството население е македонско, се движи околу 60 проценти. Наспроти тоа, во шестата изборна единица – единствена каде што етничките Албанци се мнозинство излезноста се движи едвај над 40 проценти.

Оваа ситуација ја доведува во прашање еднаквоста на гласот. Имено, ако во некоја изборна единица е потребно 8.000 гласови за да се избере пратеник, додека во друга доволни се само 6.650, тоа создава систем во кој гласот на еден граѓанин има поголема тежина во одредени региони. Дополнителен проблем претставува фактот што границите на изборните единици се креираат врз основа на номиналниот број на регистрирани гласачи, а не на реалната излезност. Иако шестата изборна единица на хартија има доволен број регистрирани гласачи, реалната излезност укажува на поинаква слика.

Критичарите на моделот посочуваат дека оваа дисторзија не само што го нарушува принципот на еднаквост, туку има и сериозни етнички импликации. Бидејќи токму шестата изборна единица е главниот извор на пратеници за албанските политички партии, ваквата поставеност резултира со зголемено политичко влијание на тие партии, дури и во услови на релативно ниска излезност.

Како можно решение, сè погласно се предлага воведување на една изборна единица, каде што секој глас би имал еднаква вредност, без оглед на географската или етничката припадност на гласачот. Ваквиот модел би значел дека и гласовите од Тетово и од Берово ќе имаат идентична политичка тежина. Поддршка за оваа иницијатива веќе изразија ВМРО-ДПМНЕ и неколку помали партии, што отвора простор за конкретна дебата на оваа тема во наредниот парламентарен состав.

Сепак, се очекува и сериозен отпор. За партиите како ДУИ, но и за СДСМ, актуелниот систем досега обезбедуваше извесна предвидливост и стабилна етничка застапеност, иако на сметка на еднаквоста. Според некои аналитичари, токму поради тоа се вложуваат напори да се разниша коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со партиите од ВЛЕН, со цел да се спречи евентуална промена на моделот.

Но, притисокот за реформа расте. Правичната застапеност и еднаквоста на гласот се основни принципи на секоја демократска држава. Сè појасно станува дека ваквиот модел, каков што е сега, е тешко одбранлив во очите на јавноста. Затоа, прашањето за една изборна единица и пошироко, прашањето за изборната правда – мора да добие централно место во политичката агенда во претстојниот период.

CATEGORIES
Share This