УКИНУВАЊЕТО ШТО ЈА ЗАПАЛИ ПОЛИТИКАТА – СДСМ против, ВМРО-ДПМНЕ одлучно „за“
Опозицијата предупредува на „целосна контрола врз изборниот процес“, додека власта тврди дека институциите се подготвени.

СДСМ остро реагираше по денешното изгласување на измените на Законот за Влада, со кои по следните парламентарни избори ќе биде укината техничката влада, оценувајќи дека со тоа „паднала последната брана на демократијата“.
Од партијата наведуваат дека техничката влада, воведена во 2016 година, претставувала клучен механизам за спречување на, како што велат, узурпација на институциите и обезбедување минимални услови за фер и демократски избори.
„Со овој потег, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја отстранија и последната брана што спречуваше целосна контрола врз изборниот процес. Македонија капитулира пред криминалот и корупцијата“, соопштија од СДСМ.
Од опозициската партија оценуваат дека укинувањето на техничката влада укажува на намера на власта да управува без доволна контрола, транспарентност и одговорност. Тие порачаа дека ќе продолжат, како што велат, да се борат за „вистинска демократија и европска иднина на државата“.
На собраниската седница свое обраќање имаше и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој истакна дека државата има капацитет самостојно да организира фер и демократски избори, без потреба од техничка влада.
Според него, првата техничка влада функционирала со одредени предизвици, но без сериозни нарушувања, за разлика од подоцнежните, каде што, како што рече, се појавиле „деформитети“ во работењето. Како пример го посочи случајот со разрешувањето на поранешната министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, што, според него, дополнително ја покажало нефункционалноста на овој модел.
Мицевски нагласи дека техничката влада била ад-хок решение за надминување на политичката криза во 2015 година и дека по повеќе од една деценија, државата треба да покаже институционална зрелост.
„Македонија денес има капацитет да организира фер избори без вакви привремени, пржински модели. Тоа го потврдуваат и нашите меѓународни партнери“, изјави Мицевски.
Тој потсети дека и Совет на Европа ја препознал подготвеноста на институциите, посочувајќи го излегувањето на земјата од постмониторинг процесот.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ конзистентно се залагало за укинување на техничката влада и додека било во опозиција, особено во периодот 2022-2023 година.
