ПРОГОНЕТИ, НО НЕСКРШЕНИ – Шокантни сведоштва за бегството што ја обележа една генерација
И покрај војната и разделбите, идентитетот останал жив низ генерации.

Денеска во Скопје во организација на Републичкото здужение на децата белгалци „Т’га за југ“ се одржа трибина насловена како КУЛТУРА, ИДЕНТИТЕТ, ТРАДИЦИЈА на Македонците од Егејскиот дел на Македонија по повод 80 години од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 15 години од смртта на Ѓорѓи Доневски.
Претседателката на здружението „Т’га за југ“, Евгенија Николовска, истакна дека целта на трибината е да се тргне фокусот од политиката и да се потсетиме на културните вредности – историјата, јазикот, традицијата и идентитетот. Таа потсети на страдањата за време на војната, кога илјадници деца биле принудени да ги напуштат своите домови и да заминат во источноевропските земји. Сепак, и покрај тешките околности, тие успеале да го зачуваат јазикот, дијалектот и културното наследство. Николовска го истакна и значењето на Ѓорѓи Доневски, кој заедно со свои соработници го формирал здружението во 1989 година, како и неговата улога во организирањето на првата Светска средба на децата бегалци во 1988 година. Таа потсети и на иницијативата за колективна тужба до Европскиот суд за човекови права во 2003 година, како и на Резолуцијата усвоена во македонското Собрание во 2008 година, која добила едногласна поддршка од сите пратеници.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова – Грујовска, на отворањето на трибината им оддаде признание на децата бегалци за нивната издржливост и храброст, истакнувајќи дека секогаш и секаде го чувале својот македонски идентитет. Таа нагласи дека децата од егејскиот дел на Македонија, како и нивните потомци, оставиле длабока трага во македонската култура, традиција и начин на живот. Според неа, нивното културно наследство, пренесено од родните огништа, денес е прифатено како заедничко богатство. Јованова – Грујовска посочи дека е особено горда што овие луѓе успеале да го зачуваат својот идентитет и достоинствено да се претставуваат како Македонци. Во таа насока, беше одбележана и 15-годишнината од смртта на Ѓорѓи Доневски, кој својот живот го посветил на истражување на македонскиот фолклор и традициите на децата бегалци.
Лилјана Макаријоска од Институтот за македонски јазик истакна дека научните истражувања потврдуваат дека говорите од егејскиот дел се составен дел од македонската јазична територија, а фолклорот и традициите дел од националното културно наследство. Таа нагласи дека постојат и специфични особености кои треба да се зачуваат од заборав, додавајќи дека дигитализацијата на овие материјали е клучна за нивна долгорочна заштита и достапност за младите генерации.
Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Зоранчо Малинов, посочи дека и покрај ограничувањата за теренски истражувања во Грција, постои богат архивски материјал собран од бегалците. Тој издвои неколку истражувачи кои дале значаен придонес во проучувањето на фолклорот од егејскиот дел. Малинов додаде дека во институцијата се чуваат бројни архивски записи, кои веќе се дигитализираат и се достапни за истражувачите.
Митко Арџелиев од здружението „Т’га за југ“ емотивно сведочеше за трагедијата на бегството, опишувајќи го напуштањето на домовите како длабоко болно искуство што не може лесно да се пренесе со зборови. Според изнесените податоци, за време на Граѓанската војна во Грција, околу 28.000 деца биле протерани, од кои 20.000 биле Македонци. Денес, здружението брои околу 7.800 членови.
Како короганизтори на трибината беа и повеќе научни и културни институции, со цел да се зачува и афирмира културното наследство на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија.
