ПОРАЗОТ ОД АЛАВЕС ГО РАЗБУДИ БЕСОТ ВО МАДРИД Реал ја спомена Барселона и случајот „Негреира“

По неочекуваниот пораз на „Сантијаго Бернабеу“ (1:2), Реал Мадрид повторно отвори фронт со судиите. Клупската телевизија обвини за двојни аршини, го спомена случајот „Негреира“, а Белингам поради исклучувањето ќе го пропушти следниот натпревар

ПОРАЗОТ ОД АЛАВЕС ГО РАЗБУДИ БЕСОТ ВО МАДРИД Реал ја спомена Барселона и случајот „Негреира“
Фото: Принтскрин

Реал Мадрид доживеа неочекуван пораз од Алавес (1:2) на домашен терен во 14. коло од Ла Лига, а по натпреварот во центарот на вниманието се најде судењето. Кралскиот клуб беше незадоволен од неколку одлуки на главниот судија Сесар Сото Градо, а критиките особено се засилија по ситуацијата во финишот, кога првично беше досуден пенал за Реал по падот на Џуд Белингам во шеснаесетникот на гостите.

По интервенцијата од ВАР-собата, судијата ја прегледа снимката, ја поништи одлуката за пенал и му покажа втор жолт картон на англискиот репрезентативец поради симулирање. Тоа значеше и исклучување на Белингам.

Клупската телевизија на Реал Мадрид упати остри критики кон судењето, издвојувајќи две ситуации во кои сметаат дека Белингам бил оштетен. Особено остар беше коментарот во кој беше споменат и случајот „Негреира“, поврзан со исплатите на Барселона кон поранешниот потпретседател на судиската организација.

„Денеска нивните портпароли ќе кажат дека ВАР правилно реагирал кога ја поништи одлуката и дека немало контакт. Тоа се променливите правила на лигата на Негреира“, порачаа од телевизијата на Реал.

Сепак, од клупската телевизија нагласија дека не тврдат оти Реал го загубил натпреварот поради судијата, но сметаат дека спорните одлуки мора да бидат дел од анализата. Втората ситуација на која реагираа од мадридскиот клуб се случи уште во 15. минута, кога Белингам беше повлекуван во шеснаесетникот на Алавес по изведен корнер. Од клупската телевизија сметаат дека судијата требало да покаже на белата точка.

„Понекогаш се досудуваат пенали кога фудбалерот ќе се сопне од тревата, а ова беше очигледно повлекување. Тоа е пенал“, коментираа од телевизијата, додавајќи дека „ветерот дува во корист на Барселона“.

Незадоволството на Реал не заврши со реакциите на клупската телевизија. По натпреварот, тренерот Жозе Мурињо упати остри критики кон Сото Градо. Португалскиот стратег потсети дека истиот судија во минатото ги исклучувал и Килијан Мбапе и Винисиус Жуниор, па иронично се запраша дали следен на листата ќе биде голманот Тибо Куртоа.

Сепак, дел од медиумите му забележаа на Мурињо дека не ги објаснил доволно конкретно околностите на претходните исклучувања. Мбапе доби црвен картон поради брутален старт врз противнички фудбалер, но првичната одлука за негово исклучување беше донесена по интервенција на ВАР.

Сличен беше и случајот со Винисиус, кој минатата сезона на натпреварот против Валенсија влезе во конфликт со македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски и го удри во главата. И тогаш првично доби жолт картон, но по прегледувањето на снимката беше исклучен.

Поради црвениот картон против Алавес, Белингам нема да биде во комбинација за следниот натпревар на Реал Мадрид против Реал Сосиедад. Првиот жолт картон Англичанецот го доби поради протестирање за одолговлекувањето на времето од страна на голманот на Алавес, Сивера, за што од Реал исто така сметаат дека судијата требало да реагира поинаку.

Клупската телевизија оцени дека „мора нешто да се преземе“, со што продолжи жестоката полемика во Мадрид за судењето и примената на ВАР-технологијата.

CATEGORIES
Share This