КРАЈ ЗА СЕДЛОСКИ Осум порази, две ремија и само еден гол – ФФМ се раздели со селекторот

По 11 месеци на клупата на Македонија, Седлоски заминува по катастрофален биланс од десет натпревари без победа. Нов селектор ќе треба да ја предводи репрезентацијата во мартовскиот бараж со Кипар.

КРАЈ ЗА СЕДЛОСКИ Осум порази, две ремија и само еден гол – ФФМ се раздели со селекторот
Фото: Принтскрин

Гоце Седлоски (52) повеќе не е селектор на македонската фудбалска репрезентација. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално соопшти дека постигнала договор со поранешниот капитен на националниот тим за спогодбен раскин на договорот.

Од Федерацијата велат дека разделбата е во интерес на двете страни, а во објавата индиректно ги признаваат неуспешните резултати во изминатиот период.

„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не одат онака како што сите сакаме“, наведуваат од ФФМ.

Седлоски ја напушта селекторската функција по 11 месеци, во кои македонската репрезентација не забележа ниту една победа. На десет одиграни натпревари, националниот тим има осум порази и две нерешени средби, со катастрофална гол-разлика од 1:23.

Особено разочарувачки беше настапот на Македонија во Лигата на нации, каде што ги загуби сите шест натпревари во групата со Швајцарија, Шкотска и Словенија.

Македонските фудбалери не успеаја да постигнат гол на осум последователни натпревари, серија која во ноември ја прекина Елмин Растодер на гостувањето кај Шкотска. Сепак, тој погодок остана и единствен за Македонија во целиот мандат на Седлоски.

ФФМ во соопштението истакна дека слабите резултати не треба да го засенат придонесот на Седлоски за македонскиот фудбал, како во играчката, така и во тренерската кариера. Федерацијата му се заблагодари за посветеноста и професионалниот однос.

Седлоски беше назначен за селектор на 22 декември минатата година, а официјалното деби го имаше во март, во полуфиналниот натпревар од дополнителните квалификации за Светското првенство. Македонија тогаш загуби од Данска со 4:0.

По серијата неуспеси, ФФМ сега ќе треба да избере нов селектор, кој ќе ја преземе репрезентацијата пред важните натпревари во март наредната година.

Македонија тогаш ќе игра против Кипар во баражот за опстанок во Б-дивизијата на Лигата на нации.

CATEGORIES
Share This