МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА Стерјовски пред ОН алармира за притисоци во Албанија

Претседателот на МАЕИ во Женева побара меѓународна заштита на македонското малцинство, посочувајќи на тврдења за политички и институционални притисоци за наметнување бугарски идентитет, ограничувања во образованието и недоволна застапеност.

МАКЕДОНЦИТЕ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА Стерјовски пред ОН алармира за притисоци во Албанија
Фото: Принтскрин

Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на меѓународен состанок во седиштето на Обединетите нации во Женева побара посебно внимание за положбата и заштитата на македонското национално малцинство во Албанија.

На состанокот, организиран од специјалниот известувач на ОН за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, Стерјовски се обрати во име на македонската заедница во Албанија, укажувајќи на предизвиците со кои се соочува, особено во контекст на европските интеграции на земјата.

Како што информираат од МАЕИ, Стерјовски истакнал дека Македонците се автохтоно национално малцинство во Албанија, чии припадници се лојални граѓани, ги почитуваат институциите и придонесуваат за развојот на државата, но нивниот национален идентитет се соочува со сериозни предизвици.

Посебно загрижувачки, според Стерјовски, е растечкиот политички притисок од Бугарија врз Албанија, при што, како што тврди, се користи членството на Бугарија во Европската Унија и нејзиното влијание во процесот на проширување за промовирање на националната агенда.

Тој укажал на тврдењата дека Македонците во Албанија се Бугари, како и на обидите за наметнување бугарски идентитет преку политичко влијание, финансиски поттици и институционален притисок.

„Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како средство за притисок врз земјата да прифаќа политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, нагласил Стерјовски.

Тој потенцирал дека малцинските права не смеат да се користат за геополитички цели и дека секој човек има право слободно да го определува својот национален идентитет, без наметнување спротивна припадност.

Меѓу долгогодишните проблеми на македонската заедница во Албанија, Стерјовски ги издвоил недоволната институционална поддршка за зачувување и развој на македонскиот јазик и култура, ограничените можности за образование на мајчин јазик, како и недоволната политичка застапеност и учество во процесите на одлучување.

Тој укажал и на сериозните социо-економски предизвици, особено депопулацијата, миграцијата, ограничените можности за вработување и недоволните инвестиции во инфраструктурата и локалниот развој.

Според него, овие проблеми директно влијаат врз иднината на населените места во кои живее македонско население, но и врз зачувувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет.

Стерјовски упатил повик до Николас Леврат да посвети посебно внимание на положбата на македонското малцинство и да реализира официјална посета на Албанија. При евентуалната посета, тој побарал специјалниот известувач да оствари средби со претставници на македонската заедница и да ги посети областите населени со Македонци.

Дополнително, побарал Леврат да стапи во контакт со албанските власти и да ја нагласи нивната обврска за целосна заштита на правата на националните малцинства, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и обврските преземени во процесот на европска интеграција.

„Албанија заслужува европска иднина, а македонското малцинство заслужува да биде рамноправен и почитуван дел од таа иднина“, порачал Стерјовски.

Учеството на претседателот на МАЕИ на меѓународниот состанок во Женева е реализирано со поддршка на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Канада. Од МАЕИ оценуваат дека настапот пред Обединетите нации претставува можност прашањето за положбата, остварувањето на правата и заштитата на Македонците во Албанија да биде актуелизирано пред релевантните меѓународни институции.

CATEGORIES
TAGS
Share This