НЕМА ДА МОЛЧИМЕ Културните работници утре излегуваат пред Уставен суд

Синдикатот предупредува дека од опстојувањето на Колективниот договор за култура зависат стекнатите права на илјадници вработени. Протестот е закажан за 10 часот.

НЕМА ДА МОЛЧИМЕ Културните работници утре излегуваат пред Уставен суд
Фото: Принтскрин

Синдикатот на културата на Република Македонија најави протестен собир утре, во 10 часот, пред Уставниот суд, поради постапувањето на Судот во врска со оценувањето на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура.

Од Синдикатот посочуваат дека од опстојувањето на Колективниот договор зависат стекнатите работнички права на илјадници вработени во културата, поради што повикуваат на масовно присуство и поддршка на протестот.

„Ова е борба за правна и социјална сигурност, борба за достоинство, еднаквост и почитување на трудот на сите културни работници. Не дозволуваме културата да биде обезвреднета, а работничките права избришани!“, наведуваат од Синдикатот.

Оттаму порачуваат дека зад работничките права стојат луѓе, професионалци и институции кои нема да молчат кога, како што велат, се доведува во прашање нивната иднина.

„Нашето присуство е порака дека зад овие права стојат луѓе, професионалци и институции кои нема да молчат кога се доведува во прашање нивната иднина! Се гледаме пред Уставен суд“, порачуваат од Синдикатот на културата.

CATEGORIES
Share This