(ВИДЕО) СУДИЈАТА НАПРАВИ ХАОС Му даде жолт картон на голманот за прекршок на другиот крај од теренот, па беше сменет на полувремето
Менаџерот на Гол Гохар тврди дека судијата не бил во нормална состојба, а клубот се пожалил кај АФЦ. Наводите за евентуална алкохолизираност не се официјално потврдени.

Натпреварот меѓу Ал Џазира и Гол Гохар во Азиската Лига на шампиони 2 се најде во центарот на вниманието, но не поради фудбалската игра, туку поради неверојатниот судиски инцидент кој предизвика вистинска конфузија на теренот. Судијата од Сирија, Хан Хатаб, направи несекојдневна грешка кога по еден остар дуел и прекршок на средината од теренот му покажа жолт картон на голманот на домашната екипа, Ерсин Дестаноглу, кој немаше никаква врска со спорната ситуација.
Одлуката ги збуни и фудбалерите и присутните, а конфузијата траеше неколку минути. Ситуацијата дополнително доби на тежина откако судијата беше заменет на полувремето.
По натпреварот, менаџерот на Гол Гохар, Хејдар Афсари, упати сериозни забелешки на сметка на судењето, тврдејќи дека Хатаб не бил во состојба нормално да ја извршува својата задача. Според него, на проблемот реагирале и фудбалерите на Ал Џазира, а клубот ги известил официјалните лица на натпреварот и се заканил дека нема да продолжи со играта доколку ситуацијата не се промени.
„Судијата против Ал Џезира не беше во нормална состојба, дури и играчите на Ал Џезира ни го кажаа тоа. Клубот веднаш ги информираше службените лица на натпреварот и предупреди дека нема да играме ако ситуацијата остане иста“, изјави Афсари.
Тој посочи и на спорната ситуација со играчот на Ал Џазира со број 77, кој, според неговото толкување, требало да добие втор жолт картон и да биде исклучен, но судијата наместо тоа го санкционирал противничкиот голман.
„Судијата беше заменет откако ја информиравме АФЦ“, додаде Афсари.
Иако во јавноста се појавија тврдења дека судијата наводно бил под дејство на алкохол, таквите наводи засега остануваат непотврдени. И покрај необичните случувања и судиската конфузија, натпреварот продолжи, а домашната екипа на крајот стигна до победа. Стрелец на победничкиот гол беше искусниот Андерсон Талиска, со што Ал Џазира го заврши натпреварот со триумф, но вниманието на фудбалската јавност остана насочено кон неверојатниот судиски пропуст.
(ВИДЕО

