ОД РИМ СО ЉУБОВ Трпчески ја раскажа приказната за словенската писменост преку клавир
Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ се одржува секоја година во Рим, во организација на државните и црковните институции на Македонија, како дел од одбележувањето на културно-историското наследство и улогата на македонските простори во ширењето на писменоста и духовноста меѓу словенските народи.

Светски познатиот пијанист Симон Трпчески синоќа настапи со солистички концерт во импозантниот Хорти Салустијани во Рим, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, која традиционално се одржува по повод чествувањето на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Во своето обраќање по настапот, Трпчески изјави дека е особено почестен што повторно има можност да ја претставува Македонија на оваа манифестација, истакнувајќи ја важноста на континуираното чествување на просветителите и нивната мисија.
„Многу ми е мило, ова ми е трет пат како учествувам на овој настан. Последниот пат беше со претседателот Борис Трајковски. Почестен сум што повторно ја претставувам Македонија на оваа важна манифестација“, рече Трпчески.
Тој ја спореди мисијата на Кирил и Методиј со силата на музиката, потенцирајќи дека и двете имаат благородна цел – да поврзуваат, да едуцираат и да инспирираат.
„Сесловенските просветители ширеле исклучително значајна, благородна мисија – онака како што и музиката тоа го прави. Ние сме држава од каде што практично започнало описменувањето, и од таа причина, одговорноста е голема“, додаде тој.
Во присуство на македонската државно-црковна делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, како и претставници од дипломатскиот кор, македонската дијаспора и голем број италијански посетители, Трпчески изведе програма составена од дела на Чајковски и Григ, како и делови од неговиот проект „Македонисимо“.
„Интимноста на просторот во Хорти Салустијани и историското значење на ова здание кое датира од првиот век пред нашата ера беа силен извор на инспирација. Таквите простори ни помагаат музички да се изразиме подлабоко и поискрено“, изјави Трпчески, додавајќи дека публиката реагирала топло и искрено на настапот.
Тој ја истакна важноста од почитување на минатото и неговата улога во обликување на иднината:
„Ова треба да биде пример за иднината – со почит кон оние што не опишале како народ и обврска да ја продолжиме нивната мисија.“
Манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ се одржува секоја година во Рим, во организација на државните и црковните институции на Македонија, како дел од одбележувањето на културно-историското наследство и улогата на македонските простори во ширењето на писменоста и духовноста меѓу словенските народи.


