ТРАМП ЈА СПОМЕНА ЈАЛТА, А УКРАИНА ДОБИВА РОК ДО ЈАНУАРИ – САД подготвуваат мировен договор со Москва
Финскиот претседател откри дека од мировната декларација со Си Џинпинг и Владимир Путин била отстранета клаузула за Украина, додека Вашингтон врши силен притисок врз Киев да постигне договор со Москва до почетокот на јануари, со можни големи украински отстапки.

Преговорите за завршување на војната во Украина влегуваат во нова фаза, а потезите на американската администрација на Доналд Трамп отвораат сериозни прашања за условите под кои Киев би можел да постигне мировен договор со Москва.
Финскиот претседател Александар Стаб откри дека првичната верзија на мировната декларација, усвоена во Шенжен на средбата на претседателите на Кина, Русија и САД – Си Џинпинг, Владимир Путин и Доналд Трамп содржела и клаузула за Украина. Сепак, американската страна ја отстранила од конечниот документ поради несоодветна формулација.
Во изјава за финскиот весник „Хелсингин саномат“, Стаб оценил дека одлуката на Вашингтон да ја отстрани спорната клаузула била позитивен потег.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, значењето на трилатералната средба со Си Џинпинг и Владимир Путин ја спореди со историската конференција во Јалта од 1945 година.
„Јалта беше голем настан. Не размислував за тоа. Едноставно отидов на состанокот знаејќи дека се сложувам многу добро со двајцата и дека ќе успееме да ги надминеме нашите разлики. Го направивме тоа“, изјави Трамп на прес-конференција во Белата куќа, пренесува АП.
Тој додаде дека вистинското значење на состанокот го сфатил дури по неговото завршување.
Според Стаб, по заминувањето од Кина, Трамп ги поканил учесниците на состанокот на „коалицијата на добронамерните“ во Берлин, при што порачал дека завршувањето на војната во Украина е неопходно за Европа да може да ги насочи своите финансиски средства кон други цели.
Во меѓувреме, американската администрација им соопштила на европските и украинските претставници дека сака Киев да постигне мировен договор со Москва до почетокот на јануари, пред демократите да ја преземат контролата врз американскиот Конгрес. Ова го објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Специјалните пратеници на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, претходно овој месец ги продолжиле разговорите со Украина и Русија во Абу Даби, со што завршила осуммесечната пауза предизвикана од војната во Иран. Сепак, американскиот притисок предизвикува загриженост кај европските претставници дека евентуалниот договор би можел да бара значителни отстапки од украинска страна.
„Американците вршат силен притисок и постојат загрижености дека секој договор би барал големи украински отстапки“, изјавил европски функционер по средбата со Виткоф и Кушнер.
Така, додека Трамп зборува за историското значење на разговорите со лидерите на Кина и Русија, Вашингтон истовремено се обидува да го забрза дипломатскиот процес и да го доведе Киев до преговарачка маса со Москва во краток временски рок.
СИ ЏИНПИНГ, ПУТИН И ТРАМП ВО ИСТА СОБА Трите нуклеарни сили усвоија декларација за мир

