САМО ЕДЕН КУПУВАЧ Е ДОВОЛЕН Комерцијална банка влегува во трката за Алта банка

Се продаваат 95,336 проценти од битолската банка, а правилата дозволуваат аукцијата да биде успешна и со само еден купувач. Првата лицитација е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција.

САМО ЕДЕН КУПУВАЧ Е ДОВОЛЕН Комерцијална банка влегува во трката за Алта банка
Фото: Национал

Комерцијална банка АД Скопје објави намера да учествува во процесот за купување на Алта банка АД Битола, чиј доминантен акционерски пакет е понуден на продажба од Народната банка. Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември, со почетна цена од 3.777 денари по акција.

Според објавата на системот СЕИ Нет, Комерцијална банка ја искажа својата намера за вклучување во постапката за преземање на битолската банка. Сепак, тоа не значи дека купувањето е извесно, бидејќи за стекнување квалификувано учество во банка е потребна претходна согласност од Народната банка и исполнување на законските и регулаторните услови.

Особено внимание привлекува прашањето дали аукцијата може да се одржи доколку има само еден заинтересиран купувач. Од Народната банка откриваат дека јавната берзанска аукција се спроведува согласно правилата на Македонската берза, кои го уредуваат начинот на спроведување и условите за учество.

Од Македонската берза појасниле дека ова прашање е регулирано во точката 3.5 од Анекс 2 на Правилата за тргување. Таму е предвидено дека аукцијата вообичаено се смета за успешна ако на куповната страна има најмалку двајца заинтересирани домашни или странски правни и физички лица.

Меѓутоа, постои и посебен исклучок кога како продавач се јавува Народната банка, друг овластен државен орган или регулаторно тело. Во таков случај, аукцијата се смета за успешна и доколку како купувач се јави само едно лице, под услов претходно да добило согласност од надлежниот орган во согласност со закон.

Предмет на продажба се 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции на Алта банка АД Битола. Акциите се во сопственост на Алта банка АД Белград, која се наоѓа во стечај, а продажбата ја спроведува Народната банка.

Постапката ќе се реализира преку Македонската берза според моделот „сè или ништо“, што значи дека заинтересираниот купувач мора да го преземе целиот понуден пакет, без можност за купување само на дел од акциите.

Првата аукција ќе се одржи на 30 ноември со почетна цена од 3.777 денари по акција. Доколку пакетот не биде продаден, предвидени се нови аукции на 1, 2, 3, 4 и 7 декември, при што почетната цена на секоја следна аукција ќе биде намалена за 10 проценти во однос на претходната.

Народната банка ја образложи продажбата со потребата да се обезбеди нов сопственик на Алта банка и да се создадат услови за нејзино натамошно стабилно работење, со зачувување на интересите на штедачите и другите клиенти.

Вклучувањето на Комерцијална банка во процесот отвора можност за значајна промена на сопственичката структура на Алта банка Битола. Сепак, конечниот исход ќе зависи од нејзиното евентуално учество на аукцијата, понудената цена и исполнувањето на сите услови за стекнување сопственост во банка.

Клучното прашање е дали Комерцијална банка ќе остане единствениот заинтересиран купувач или во трката за преземање на речиси целиот акционерски капитал на битолската банка ќе се вклучи и друг инвеститор.

ШЕСТ ОБИДИ ЗА ПРОДАЖБА НА АЛТА БАНКА Цената ќе се намалува за 10 отсто по секоја неуспешна аукција

CATEGORIES
Share This