МИЦКОСКИ ОД БЕРЛИН Македонија ја потврди поддршката за Украина, се бара заедничко дејствување на Европа и САД
Премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски учествуваа на состанокот на Коалицијата на волните, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска во Берлин учествуваше на состанокот на Коалицијата на волните, посветен на актуелната состојба во Украина и дипломатските напори за постигнување мир.
Мицкоски информираше дека на состанокот, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, била истакната потребата од засилени напори за завршување на војната, како и од заедничко дејствување на европските партнери и САД.
„Ја потврдивме поддршката на нашата земја за напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина, преку дијалог, дипломатија и координација со нашите сојузници“, објави премиерот на социјалните мрежи.
Претходно, Мицкоски информираше и за неговото учество на Форумот за проширување на Европската Унија во рамки на работната посета на Брисел, каде во фокусот беа реформите, инвестициите и економскиот раст.
Премиерот соопшти дека остварил повеќе средби со претставници на европските институции, на кои биле отворени прашања од значење за европската перспектива на Македонија.
„Продолжуваме со активен дијалог, посветеност на реформите и застапување на државните интереси. Нашата цел е јасна – Македонија да напредува кон Европската Унија!“, порача Мицкоски.

