ТРАМП ОТКРИ ШТО СЛЕДУВА ПО ПОСЕТАТА НА КИНА Не брза со напад врз Иран, најави средба со Ким и тешки нуклеарни преговори

Американскиот претседател по азиската турнеја зборуваше за можноста за ограничување на нуклеарното оружје со Кина и Русија, односите со севернокорејскиот лидер и евентуалната воена акција против Иран.

ТРАМП ОТКРИ ШТО СЛЕДУВА ПО ПОСЕТАТА НА КИНА Не брза со напад врз Иран, најави средба со Ким и тешки нуклеарни преговори
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп по враќањето во Вашингтон од посетата на Кина изнесе неколку важни пораки за меѓународните односи, нуклеарното разоружување и можноста за нов воен конфликт на Блискиот Исток. Во интервју за „Ројтерс“, Трамп оцени дека ќе биде исклучително тешко да се постигне заеднички договор со Кина и Русија за ограничување на нуклеарното оружје, но нагласи дека ќе продолжи да работи на таа идеја.

„Ми се допаѓа самата идеја, но гледано исклучиво од гледна точка на преговорите, тоа е многу тешка задача за мене како претседател“, изјави Трамп по трилатералниот самит со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин во Шенжен.

Тој рече дека Си се согласува со концептот за ограничување на нуклеарното оружје, но посочи дека преговорите ќе бидат комплицирани поради големината на нуклеарните арсенали.

„Тешко е некому да му кажете дека има 4.000 атомски оружја и дека ние ќе се откажеме од половина од нив“, изјави американскиот претседател.

Трамп откри и дека за време на посетата на Азија не успеал да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, иако, како што рече, меѓу нив постои однос.

„Односот постои, но не сме се сретнале“, изјави Трамп за NBC News.

Тој објасни дека имал премногу средби и дека поради густата агенда не било изводливо да се организира средба со севернокорејскиот лидер. Сепак, најави дека двајцата ќе се сретнат „во одреден момент“.

Една од најзначајните пораки на Трамп се однесуваше на Иран и можноста САД да преземат воена акција. Во телефонски разговор со порталот Axios од авионот Air Force One, на враќање од Кина, Трамп изјави дека не брза да донесе одлука за евентуален напад врз Иран.

„Не брзам да донесам никаква одлука во врска со Иран. Ќе видиме што ќе се случи по почетокот на годината“, рече американскиот претседател.

Според Axios, изјавата доаѓа во момент кога Трамп е под силен притисок од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој бара што поскоро започнување решителна кампања за бомбардирање на Иран. Со ова Трамп засега остава отворено прашање дали Вашингтон ќе се приклучи на евентуална воена операција, истовремено сигнализирајќи дека не планира да донесе избрзана одлука.

CATEGORIES
TAGS
Share This