КОГА ПРОФЕСОРИ СТАНУВААТ ШОВИНИСТИ Не ги сакам Србите гласајте за ХДЗ, наставничка со агитација до поранешни ученици
Ивица Пуљак, актуелен заменик-градоначалник на Сплит и еден од кандидатите во вториот круг од изборите, на својот Фејсбук профил објави дека Шута ѝ ветил на Матковиќ раководна функција во градската администрација - поточно во одделението за образование без јавен конкурс.

Наставничката Дијана Матковиќ (60), професорка по биологија во Петтата гимназија „Владимир Назор“ во Сплит, предизвика жестоки реакции во јавноста откако во онлајн комуникација со поранешни ученици изнела националистички и политички мотивирани ставови. Според хрватскиот портал Индекс, таа во групен разговор ги повикувала своите ученици и родителите да гласаат за кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Томислав Шута, на локалните избори.
Во пораките, Матковиќ изјавила дека „не сака ниту Срби, ниту Југословени“, и покрај тоа што дел од учесниците ѝ укажале дека ваквиот говор е недозволив и непримерен за еден педагог. Таа дополнително ја обвинила групата дека не се патриоти поради нивното противење на политичката пропаганда, а подоцна го напуштила разговорот со повторно искажана омраза кон припадниците на српската заедница.
Ивица Пуљак, актуелен заменик-градоначалник на Сплит и еден од кандидатите во вториот круг од изборите, на својот Фејсбук профил објави дека Шута ѝ ветил на Матковиќ раководна функција во градската администрација – поточно во одделението за образование без јавен конкурс. Овие наводи дополнително го заострија контроверзниот карактер на случајот, кој веќе го потресе образовниот и политичкиот систем во градот.
На првиот круг од локалните избори во Сплит, излезноста беше рекордно ниска – едвај над 37%. Во вториот круг, кој ќе се одржи на 1 јуни, ќе се соочат Ивица Пуљак од партијата Центар и Томислав Шута, кандидат поддржан од ХДЗ, Демократското движење, ХСЛС и ХДС. Пуљак освои 35,26% од гласовите, додека Шута доби 30,54%.
Контроверзната изјава на Матковиќ повторно го актуализира прашањето за говорот на омраза и србофобијата во хрватското општество. Претседателот на Здружението на Србите од регионот, Миодраг Линта, остро реагираше, наведувајќи дека овој инцидент е дел од поширока тенденција на дискриминација кон Србите во Хрватска.
„Хрватското општество сè уште не се соочило со своето шовинистичко минато. Владее антисрпска атмосфера, која се интензивираше по влезот на Хрватска во ЕУ. Наместо интеграција, сведоци сме на асимилација и прикривање на националниот идентитет кај преостанатите Срби, особено во урбаните средини – изјави Линта.
Во истиот контекст, тој потсети и на контроверзниот Закон за гробишта, усвоен од хрватскиот Сабор на предлог на проусташкото Татковинско движење, кој предвидува отстранување на надгробни споменици со натписи што „ја величаат агресорската војска“. Овој закон, поддржан и од ХДЗ, беше оценет како уште еден обид за ревизија на историјата и дополнителна маргинализација на српската заедница.
Случајот со Дијана Матковиќ отвори лавина од реакции во јавноста, а граѓанските организации повикаа на санкции и итно расчистување на нејзината професионална и јавна одговорност. Останува да се види дали институциите ќе реагираат соодветно на ова отворено нарушување на етичките и образовните стандарди.


