МАКЕДОНИЈА ДОБИ СВЕТСКА НАГРАДА ВО ДУБАИ „Безбеден град“ со престижно меѓународно признание

Признанието „Excellence in Road Safety“ беше врачено на церемонијата во рамките на World Police Summit 2026.

МАКЕДОНИЈА ДОБИ СВЕТСКА НАГРАДА ВО ДУБАИ „Безбеден град“ со престижно меѓународно признание
Фото: Принтскрин

Проектот „Безбеден град“ доби меѓународно признание во Дубаи, каде што Македонија ја освои престижната награда „Excellence in Road Safety“. Наградата беше свечено врачена на официјална церемонија во рамките на Светскиот полициски самит (World Police Summit 2026).

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој ја прими наградата, оцени дека станува збор за значајно признание за Македонија, македонската полиција и реформите во областа на сообраќајната безбедност.

„Покажавме дека Македонија има капацитет да создава современи решенија, да спроведува суштински промени и да биде препознаена на светско ниво“, напиша Тошковски на Фејсбук.

Тој нагласи дека признанието е поттик за продолжување на реформите, со крајна цел намалување на сообраќајните несреќи, спречување трагедии и спасување човечки животи.

„Ова признание не е крајната цел. Тоа е дополнителна одговорност да продолжиме со уште поголема решителност во она што е најважно да го намалиме бројот на сообраќајни несреќи, да спречиме трагедии и да заштитиме што повеќе човечки животи“, порача Тошковски.

CATEGORIES
Share This