ПОЧНА МАСОВНА ВАКЦИНАЦИЈА НА ОВЦИТЕ И КОЗИТЕ ПРОТИВ СИПАНИЦИ Со донација од ЕУ ќе бидат опфатени над 438.000 животни во целата држава
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени клинички здрави овци и кози кои ги исполнуваат условите за имунизација, додека бремените, болните и другите категории животни ќе се третираат согласно упатството за употреба на вакцината и ветеринарната проценка.

Масовната вакцинација на овците и козите против болеста сипаници започна во Источниот регион, во рамки на кампањата за заштита на ситниот добиток во земјава. Вакцините се обезбедени како донација од Европската Унија, а станува збор за вакцина од турско потекло.
Според планот за вакцинација, во осумте региони во Македонија ќе бидат опфатени вкупно 3.417 стада со 438.042 животни.
Првата фаза ги опфаќа Источниот, Вардарскиот, Југоисточниот и Североисточниот регион, каде се евидентирани 1.859 стада со вкупно 193.527 животни. Дистрибуцијата на вакцините за оваа фаза се финализира на 19 ноември, со што се создаваат услови за продолжување на вакцинацијата.
Во втората фаза ќе бидат опфатени Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот регион, со 1.558 стада и 244.515 животни.
Предвидена е и трета фаза на дополнителна вакцинација, со која ќе се опфатат јагниња и јариња што дополнително ќе ја достигнат потребната возраст, животни кај кои вакцинацијата била одложена од здравствени причини, како и фарми кои не биле достапни во почетната кампања.
Со вакцинацијата ќе бидат опфатени клинички здрави овци и кози кои ги исполнуваат условите за имунизација, додека бремените, болните и другите категории животни ќе се третираат согласно упатството за употреба на вакцината и ветеринарната проценка.
Вакцинацијата е една од клучните мерки за спречување на ширењето на сипаниците кај овците и козите и намалување на ризикот од нови појави на болеста во земјава.

