242 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ДОМАШНИОТ БИЗНИС Кредитите со камата од само 1,95% продолжуваат, пристигна нова транша
Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка и се пласираат преку Развојната банка и деловните банки.

Нови 45,2 милиони денари, односно околу 735 илјади евра, се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка за поддршка на инвестициите на домашните компании, информира Министерството за финансии.
Со најновата транша, вкупната финансиска поддршка што Владата досега ја пласирала во приватниот сектор преку оваа мерка достигна 14,9 милијарди денари, односно околу 242 милиони евра.
За реализација на програмата во Буџетот се предвидени вкупно 250 милиони евра, а првата транша кон Развојната банка беше префрлена во март минатата година.
Средствата се обезбедени преку унгарската Експорт-импорт банка и се наменети за поттикнување нов инвестициски циклус и економски раст. До домашните компании се пласираат преку Развојната банка и деловните банки, под поволни услови.
Кредитите се одобруваат со каматна стапка од 1,95 проценти, рок на отплата до 15 години и грејс-период до три години, соопшти Министерството за финансии.

