ЕВРОПА ПОВЕЌЕ НЕ ЈА ПРАШУВА БУГАРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА Петрова тврди дека нивниот став веќе е разбран, сакаме подобар живот за Бугарите таму
Петрова вели дека Бугарија го поддржува европскиот пат на Македонија, но одговорноста за застојот ја лоцира на македонска страна.

Бугарија смета дека нејзиниот став кон Македонија веќе им е јасен на европските партнери, па затоа прашањето за македонските евроинтеграции сè поретко се отвора на средбите на европските министри за надворешни работи. Ова го изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова, на денешниот брифинг.
Според Петрова, кога европските колеги сепак го покренувале прашањето за Македонија, тоа најчесто било во контекст на очекувањата дали Бугарија гледа некаков напредок во спроведувањето на преземените обврски.
„Бугарија ја поддржува и има корист од тоа Република С. Македонија да се развива и да оди напред по својот европски пат, бидејќи тоа би обезбедило подобар живот за Бугарите таму. Во овој случај, недостигот од активност е на македонска страна“, изјави Петрова.
Притоа, таа не појасни дали под „Бугарите таму“ ги подразбира само 3.504 лица кои се изјасниле како Бугари на последниот попис во Македонија или и пошироко, имајќи предвид дека бугарската држава со години изнесува тврдења за бугарско потекло на голем број македонски граѓани.
Бугарската министерка оцени дека Македонија ризикува да пропушти важна можност доколку не го искористи актуелниот „пулс за проширување и развој“ на Европската Унија. Како примери ги посочи Црна Гора, Албанија, Молдавија, па дури и Украина, кои, според неа, напредуваат во процесот на европска интеграција и отворањето на преговарачките поглавја.
Петрова повтори дека Бугарија никогаш немала политика на безусловна поддршка за која било земја кандидат и дека добрососедските односи се еден од условите за членство во Европската Унија.
„Бугарија никогаш немала став безрезервно да поддржува која и да е земја. Има услови и тие се јасно наведени. За сите земји кои се кандидати за вклучување во Европската унија, добрососедските односи се дел од овие услови“, нагласи таа.
Додаде дека ова ќе остане бугарскиот став без оглед на тоа која влада е на власт во Србија или во Македонија.

