ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Затворен патот Охрид – Ресен преку Галичица, зимската опрема е задолжителна, а има и опасност од одрони

Сообраќајот надвор од населените места е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања.

ВОЗАЧИ, ВНИМАВАЈТЕ Затворен патот Охрид – Ресен преку Галичица, зимската опрема е задолжителна, а има и опасност од одрони
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но на одделни делници коловозите се влажни, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ потсетуваат дека од 15 ноември 2026 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Обврската ќе трае до 15 март 2027 година.

Возачите се повикуваат на внимателно управување, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Воедно, од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила, поради сезонскиот режим на сообраќај.

CATEGORIES
Share This