КРАВЈА РЕВОЛУЦИЈА ВО КРИВА ПАЛАНКА Граѓаните излегуваат на улица, кравите уште шетаат слободно, институциите си префрлаат одговорност
Во сабота блокада на магистралниот пат во 11 часот. Заловени се само 96 крави, градоначалникот тврди дека има уште околу 1.000, а „Анима Мунди“ предупредува да не се бара решение со масовно убивање на животните.

Кравите сè уште слободно шетаат низ Крива Паланка, институциите си ја префрлаат одговорноста, а граѓаните решија да излезат на улица. Во сабота, со почеток во 11 часот, кривопаланчани ќе протестираат и ќе го блокираат магистралниот пат, барајќи конечно и трајно решение за проблемот со добитокот што неконтролирано се движи низ градот.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство информираат дека досега се заловени 96 говеда, додека градоначалникот Сашко Митовски тврди дека има уште околу 1.000. Тој побара од Владата прогласување 30-дневна кризна состојба, а во меѓувреме поднесе и кривични пријави против службени лица во АХВ, обвинувајќи ги за неспроведување на правосилните решенија за одземање на животните.
АХВ, пак, се правда со непристапен терен и опструкции од поранешните сопственици. Во приказната се вклучи и здружението „Анима Мунди“, кое бара хумано заловување и згрижување на животните, предупредувајќи дека институционалната неспособност не смее да заврши со масовно убивање на кравите.
Така, додека институциите со години бараат решение, кравите си продолжуваат по свое, а граѓаните ќе мора да протестираат за да докажат дека градот не е пасиште.
Изгледа, во Крива Паланка кравите ја презедоа улицата, а институциите сè уште бараат кој е надлежен да ги врати!

