СИЛЈАНОВСКА ДАВКОВА СЕ ОДЛУЧИ ЗА СЛАВЕСКИ Кандидатура за гувернер поднесена во Собранието
Славески во моментов е претседател на Советот на Град Скопје и има долга и истакната академска и политичка кариера.

Професорот Трајко Славески е изборот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова за нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија, потврдија извори од Кабинетот на претседателката.
Силјановска-Давкова веќе го доставила предлогот до Собранието, каде што официјално се предлага проф. д-р Трајко Славески да ја преземе функцијата гувернер.
„При донесувањето на оваа одлука, Претседателката се раководеше од стручноста, компетентноста, дигнитетот и интегритетот на кандидатот, како и од реалната можност за негово именување. Изборот беше особено тежок, имајќи го предвид високиот квалитет на сите предложени кандидати“, соопштуваат од Кабинетот.
Славески во моментов е претседател на Советот на Град Скопје и има долга и истакната академска и политичка кариера. Тој е редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што ги има завршено сите степени на образование – од додипломски до докторски студии. Во јавноста е познат и по неговиот мандат како министер за финансии.
Предлогот сега е во рацете на пратениците, кои ќе одлучуваат дали Славески ќе застане на чело на централната банка.


