МАКЕДОНИЈА ГИ МЕНУВА ПРАВИЛАТА ЗА ДРОГИТЕ Министерството за здравство најави усогласување со ЕУ
Се подготвува нова Национална стратегија за дроги, промени во законската регулатива и систем за рано откривање на опасни психоактивни супстанции.

Министерството за здравство започнува со спроведување на две значајни мерки од Реформската агенда 2024–2027 година, насочени кон промените во политиката за дроги и усогласувањето на македонското законодавство со европските прописи.
Ова го соопшти министерот за здравство Сашо Клековски, по денешниот координативен состанок посветен на спроведувањето на Реформската агенда, на кој биле разгледани активностите на Министерството во оваа област.
Како што информира Клековски, веќе е формирана работна група која треба да го усогласи Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на Европската Унија. Паралелно, во тек е склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (ЕУДА).
Европската комисија го одобрила и барањето за експертска мисија преку програмата ТАИЕКС, која ќе помогне во подготовката на новата Национална стратегија за дроги, усогласена со стратегијата на Европската Унија.
Мисијата ќе опфати и зајакнување на Националната опсерваторија за дроги, како и воспоставување систем за рано предупредување и известување кон ЕУДА.
Вториот чекор од Реформската агенда е предвиден за следната година и се однесува на усогласување на листата на психоактивни супстанции со европските стандарди, како и воведување законска дефиниција за „нова психоактивна супстанција“.
Клековски нагласува дека станува збор за многу повеќе од административно усогласување, бидејќи функционалниот систем за рано предупредување ќе овозможи навремено откривање на нови опасни супстанции и побрза реакција за заштита на здравјето на граѓаните.

