Меѓу мајчинството и интегритетот: Етичкиот тест на академската заедница на Медицинскиот факултет во Скопје (одговорност од продеканката проф.д-р Јулија Живадиновиќ?)
Ова е еклатантен пример на академски непотизам: кога мајката одлучува за стипендијата на синот.

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски Виш просветен инспектор во пензија
Четврток, 05 ноември 2026 година
Во општество што претендира да биде праведно, демократско и засновано врз еднакви можности, прашањето за интегритетот на институциите не смее да биде предмет на компромис. Особено кога станува збор за образованието, науката и академската заедница, од кои се очекува не само да создаваат знаење, туку и да ги афирмираат вредностите на правичноста, професионалната етика и личната одговорност. Токму затоа, ситуацијата во која универзитетска професорка, како член на комисија што одлучува за доделување стипендии, учествува во постапка во која кандидат е нејзиниот син, отвора сериозни прашања што ја надминуваат рамката на едно семејство и една одлука.
Секако, мајчинската љубов, грижата за детето и желбата за негов успех се природни и неоспорни вредности. Но, кога личните и семејните односи се вкрстуваат со професионалните обврски и јавните овластувања, се наметнува потребата од јасна граница меѓу приватниот интерес и јавната одговорност. Прашањето не е дали мајката му го посакува најдоброто на својот син, туку дали нејзиното учество во одлучувањето може да ја доведе во прашање непристрасноста на постапката, еднаквиот третман на кандидатите и довербата во институцијата.
Во академската заедница, каде што знаењето, компетентноста и научните достигнувања треба да бидат основа за секоја одлука, дури и сомнежот за фаворизирање може да предизвика сериозни последици. Затоа, ова не е прашање на лична осуда, ниту обид да се оспорат способностите на конкретен кандидат. Ова е прашање на принципи: дали правилата важат еднакво за сите, дали постојат механизми за спречување судир на интереси и дали академскиот интегритет е вредност што се почитува во практиката, а не само во декларативните заложби.
Зашто, правичноста не се мери само според тоа дали некој ја заслужил стипендијата, туку и според тоа дали постапката во која е избран е транспарентна, непристрасна и ослободена од влијанија што можат да ја нарушат довербата на другите кандидати. Токму тука започнува вистинската дискусија за одговорноста, етиката и кредибилитетот на академската заедница.
Добивајќи информации од Медицинскиот факултет за нон-шалантното однесување на продеканката за настава проф.д-р Јулија Живадиновиќ, поднесов барање за слободен пристап до информации од јавен карактер на темата која е содржана во насловот на мојата колумна.
За жал и со голема доза на неверување сомнежите се потврдија и почитувајќи го јавниот интерес истите ќе ги споделам со вас, но и со институциите на државата кои постапуваат по случаи на сомнежи за судир на интереси, семеен непотизам, фаворизирање на блиско лице…
Во одговорот доставен до мене од Медицинскиот факултет Скопје бр. 03-5926 од 03.11.2026 година е наведено дека за учебната 2024/2025 година членови на комисија за распределба на стипендии кои сеуште се во рабаотен однос на Медицинскиот факултет се:
-проф.д-р Зветозар Антовиќ – претседател
-проф.д-р Јулилја Живадиновиќ – член
-проф.д-р Јасмина Тројачанец – член
-проф.д-р Игор Николов – член.
Во продолжение на одговорот од Медицинскиот факултет Скопје, исто така се наведува дека покрај останатите студенти добитник на стипендија е и студентот Иван Богдановски, студент на трета година, инаку син на проф.д-р Јулија Живадиновиќ, член на комисијата која одлучувања за стипендија.
Ова е еклатантен пример на академски непотизам: кога мајката одлучува за стипендијата на синот. Етичките стандарди се девалвирани, професорката и мајка воопшто не требало да биде член на оваа комисија. Синот кој имал просек 10 за што посебно ќе пишувам, регуларно си ја добил стипендијата.
Единствена сенка претставува тоа што оваа професорка, речиси секоја година е член на оваа комисија, како да не и е доволно што била само во годината кога нејзиниот син станал добитник. Јулија Живадиновиќ едноставно требало да се изземе таа учебна година од членство во комисија.
Основно прашање е дали деканот на Медицинскиот факултет знаел за оваа околност, дали деканот се согласил со овој облик на непотизам и дали превзел нешто за да спречи да се повреди интегритетот на факултетот.
Се сомневам во позитивен одговор, затоа што со негов амин, оваа професорка секоја година е член на комисијата, што значи дека тие се добар тим за победи.
Меѓутоа, од утре на сцена се Антикорупциска комисија која по службена должност постапува и согласно законските одредби не постои смонеж дека ќе изрече санкција со која ќе се нанесе штета за угледот на Медицинскиот факултет. Или пак, деканот, ќе побара одговорност и оставка од продеканката што е нормално во секоја демократска држава.
Исто така, предметот ќе се достави и до јавното обвинителство кое по службена должност гони случаи на коруптивно однесување.
Секој сомнеж треба да се провери и подложи на проверка со одредбите од законот.
Во студентската служба на Медицинскиот факултет се спроведува комплетна контрола над секој вработен и затоа очекувам реакција и од истите.
Следното прашање кое сакам да го поставам се однесува на добиените информации за тоа колку чини позитивна оценка по анатомија на Медицинскиот факултет во Скопје, посебно за турските студенти? Дали деканот е запознат и со оваа појава или не го интересира што се случува и на тоа поле. Не е логично до мене да стигнуваат информации, а тој да не знае. Јавна тајна е дека постои тандем помеѓу двајца професори и како оди полагањето на испит по анатомија?
Дали треба да се повтори случајот со УГД Штип? Декане, верувајќи во Вас и во коректниот однос секогаш кога сум реагирал, замолувам да превземете активности и да побарате одговорност од продеканката за сите злоупотреби кои ги има извршено од позиција Ваш прв продекан со најголема канцеларија во деканатот. Единствено, ме зачудивте што за оваа барање ми доставивте податоци со име и презиме, а за најдобро дипломирани студенти кои и јавно се промовираат вие сте дале наредба до службеникот да не се стават имиња и презимиња. Дали сакате да го прекриете сомнежот дека секоја година најдобро дипломирани студенти се децата на професорите на Медицинскиот факултет во Скопје?
Ги повикувам сите студенти на медицинскиот факултет во Скопје да достават информации на оваа тема до мене на ФБ. Јавно ќе ги објавам бидејќи се работи за огромен јавен интерес.

