Клиентелизмот го „прочистува“ образованието: Како инспектори со селективни записници купуваат повисоки звања

Време е јавноста да ги дознае сите имиња на институциите кои тргуваат со човечки судбини за да си ги пополнат своите кариерни досиеја.

Клиентелизмот го „прочистува“ образованието: Како инспектори со селективни записници купуваат повисоки звања
Фото: Принтскрин

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор во пензија
Вторник, 03 ноември 2026 година

Кога правото и правдината ќе станат монети за поткуп и кариеризам меѓу кабинетите на факултетите, Државниот просветен инспекторат (ДПИ) и Министерството за образование и наука (МОН), тогаш системот не само што е трул, туку е длабоко криминализиран.

Како долгогодишен инспектор, со згрозување и срам ја следам најновата епизода на институционална бруталност каде што колатерална штета се студентите, а крајни профитери се послушните егзекутори во инспекторски мантии.

Случајот со поништувањето на магистерската диплома на Филозофскиот факултет при УКИМ ги извади на површина сите пазарџиски шеми на релација: ДЕКАН-ИНСПЕКТОРАТ-МИНИСТЕРКА. (Извор:Mkd.mk)

Во мојата претходна колумна јасно укажував на селективноста. (Поопширно:Извор:Нeтпресс.мк). Моите колеги „инспектори по директива“, свесно и намерно го примениле Членот 135 став 4 од Законот за високо образование (ЗВО), за да прикажат наводна незаконски запишан/и студент/и со 180 + 60 кредити. Но, што сокрија инспекторите во своите записници?

Свесно и подмолно го премолчеа Ставот 3 од истиот член 135 од ЗВО, кој експлицитно му дава автономија на Универзитетот сам да ги утврди условите за упис на кандидати кои завршиле поинакви студиски програми. Уште повеќе, замижаа пред Член 5 став 3 од Правилникот за уписи на УКИМ, кој во моментот на упис правно го легитимирал статусот студентот!

Управниот суд во јули 2026 година им удри силен шамар, укинувајќи го нивното првично Решение како незаконито и процедурално неписмено. Но, наместо тоа да биде аларм за внатрешна контрола, на сцената стапува клиентелистичкиот синџир.

Наместо дисциплинска постапка за прикривање на законски одредби, министерката Весна Јаневска реши експресно да ги награди овие инспектори со повисоки звања и унапредувања! Извор:Нетпресс.мк).

Јавно прашувам, кои се критериумите за унапредување во Државниот просветен инспекторат? Дали сокривањето на законски членови и пишувањето записници по нарачка на факултетските моќници стана препорака за кариерен скок?

Срамно и поразително. Затоа, овде веќе не зборуваме само за професионален срам, туку за сериозни индиции за КРИВИЧНО ДЕЛО по Член 353 од Кривичниот законик – Злоупотреба на службената положба и овластување.

Време е јавноста да ги дознае сите имиња на институциите кои тргуваат со човечки судбини за да си ги пополнат своите кариерни досиеја. Борбата за законитост во образованието нема да запре пред нивните незаконски унапредувања.

Правдата, иако бавна, ќе ги стигне на судските клупи!

CATEGORIES
Share This