ЕВРОПА ГО ПОДГОТВУВА ДИГИТАЛНОТО ЕВРО Од 2029 година нов начин на плаќање
ЕЦБ ги избра компаниите што ќе ја градат клучната инфраструктура, а првите тестирања се планирани за 2027 година. Новата дигитална валута би можела да овозможи плаќања и без интернет.

Европската централна банка (ЕЦБ) направи нов чекор кон воведувањето на дигиталното евро, избирајќи ги компаниите што ќе ја обезбедат комуникациската инфраструктура за неговото функционирање.
За изградба на системот се избрани италијанската „Некси“ (Nexi) и германскиот „Дојче телеком“ (Deutsche Telekom), како и втор независен конзорциум предводен од шпанската „Телефоника“ (Telefónica), во кој учествува и технолошката компанија „Индра“ (Indra).
Дигиталното евро би било електронска форма на европската валута, издавана директно од Европската централна банка. Граѓаните би можеле да го користат за купување, плаќање услуги и префрлање пари, слично како готовината и денешните платежни апликации.
Една од најзначајните предвидени можности е плаќањето без активна интернет-врска. ЕЦБ нагласува дека дигиталното евро треба да ја дополнува готовината, а не да ја замени.
Со проектот Европската Унија сака да воспостави сопствена инфраструктура за дигитални плаќања и да ја намали зависноста од американските компании „Виза“, „Мастеркард“ и „Пејпал“.
Првите тестирања се планирани за 2027 година, а дигиталното евро би можело да биде достапно за поширока употреба од 2029 година.
Сепак, неговото воведување сè уште не е конечно одобрено. Потребно е најпрво да биде усвоена соодветната европска законска рамка, по што Управниот совет на ЕЦБ ќе донесе конечна одлука.
Иако Македонија не е членка на еврозоната и дигиталното евро нема да биде официјално платежно средство во земјава, неговото воведување може да влијае врз плаќањата со европските партнери, онлајн-трговијата и финансиските трансакции со земјите од ЕУ. Македонските граѓани и компании би можеле да имаат корист од побрзи и поедноставни прекугранични плаќања, доколку во иднина биде овозможен пристап до системот и за корисници надвор од еврозоната.

