ТРАГЕДИЈА ШТО ГО ПОТРЕСЕ ФУДБАЛОТ Играч на Тенерифе почина по стравичен судир на теренот
По тешкиот судир со голманот на Андора во судиското продолжение, беше итно пренесен во болница и сместен на интензивна нега.

Фудбалскиот свет е во шок по трагичната смрт на напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина на 30-годишна возраст, еден ден по тешкиот инцидент на натпреварот против ФК Андора од шпанската втора лига.
Трагедијата се случи во понеделникот вечерта на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“, во завршницата на натпреварот кој беше прекинат при резултат 2:2. Во 97. минута, Де Мигел тргна во напад по долга топка, но гостинскиот голман Хесус Овоно истрча далеку од својот шеснаесетник за да интервенира, при што дојде до силен судир со напаѓачот.
Де Мигел падна на тревникот и остана неподвижен. Играчите од двата тима веднаш побараа медицинска помош, а лекарските екипи повеќе минути се обидуваа да му помогнат. Голманот Овоно доби директен црвен картон по опасната интервенција.
Сцените на теренот беа потресни. Фудбалерите беа видно вознемирени, а дел од нив не можеа да ги задржат солзите додека медицинските екипи му укажуваа помош на нивниот колега. Натпреварот беше прекинат, а фудбалерот со амбулантно возило итно беше пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“.
По приемот во болницата, Де Мигел беше сместен на одделението за интензивна нега. Првичните информации од клубот беа дека се наоѓа во стабилна состојба, иако неговата здравствена состојба останува сериозна.
Но, во текот на ноќта дошло до влошување на неговата невролошка состојба. Во вторникот наутро, 3 ноември, ФК Тенерифе ја потврди трагичната вест дека неговиот фудбалер починал.
„Скршени од болка, со кнедла во грлото и не можејќи да поверуваме дека ова е вистина, го објавуваме трагичното заминување на Хесус де Мигел. Нема зборови за утеха кои можат да ја ублажат оваа огромна тага. Стоиме покрај неговото уништено семејство и целата фудбалска заедница која денес тагува по овој суров пресврт на настаните“, објави клубот.
Семејството на фудбалерот им се заблагодари на сите за поддршката и упати апел за почитување на приватноста во овие исклучително тешки моменти.
По трагичната вест, бројни клубови и спортски организации испратија пораки со сочувство до семејството, соиграчите и навивачите на Де Мигел.
Меѓу клубовите кои се простија од фудбалерот се и Реал Мадрид и Барселона, како и ФК Андора и неговите поранешни клубови.
Трагедијата го остави фудбалскиот свет во длабока тага и уште еднаш потсети дека зад секој натпревар, резултат и спортско ривалство стојат човечки животи.
Фудбалот е страст, професија и љубов за милиони луѓе, но ниту еден резултат или победа не може да биде поважен од здравјето и животот на човекот.
🔵⚪️ | Golpe fortísimo de Owono sobre Jesús de Miguel que hace que salten todas las alarmas. 🇪🇸👀
🙏🏼 Pronta recuperación a Jesús y que todo quede en un susto
🏟️ Tenerife – Andorra https://t.co/NXopIJ7p9H
— Laliga News (@laligaa_neews) November 2, 2026

