КОЈ Е СОПСТВЕНИКОТ НА АЛТА БАНКА Славески: Не знам колкав процент има Мацура, тоа не нè интересира

Гувернерот тврди дека согласноста била дадена по тримесечна постапка, со проверки кај Европската централна банка и други регулаторни институции.

КОЈ Е СОПСТВЕНИКОТ НА АЛТА БАНКА Славески: Не знам колкав процент има Мацура, тоа не нè интересира
Фото: Принтскрин

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, целосно стои зад одлуката со која на српската Алта банка ѝ беше дадена согласност да влезе во сопственичката структура на Стопанска банка Битола. Во телевизиско гостување Славески рече дека одлуката била донесена по тримесечна постапка, во која биле вклучени повеќе институции, а супервизорските служби оцениле дека инвеститорот ги исполнува потребните услови.

Тој откри дека Народната банка писмено се обратила до Европската централна банка и други регулаторни институции за да провери дали постојат отворени постапки или забелешки за „Алта групацијата“. Славески објасни дека Стопанска банка Битола претходно била во исклучително лоша состојба, опишувајќи ја како „банка на стаклени нозе“, која пет години била под интензивна супервизија.

Според него, без влезот на новиот инвеститор, банката веројатно ќе пропаднела, што би можело да доведе до активирање на Фондот за осигурување на депозити. Особено внимание привлече неговиот одговор за сопственичката структура и Давор Мацура.

„Не знам колкав процент е сопствеништвото и тоа не нè интересира. Ние ѝ дадовме дозвола на Алта банка Белград“, рече Славески.

Тој додаде дека Мацура имал дозвола од австриските регулатори за купување акции во австриска банка, но нагласи:

„Јас не сум ничиј адвокат. Не сакам да се мешам во работите во друга држава“.

Гувернерот потенцираше дека во процесот биле вклучени повеќе инстанци во Народната банка и дека одлуката била поткрепена со околу 30 потписи.

„Јас сум четвртата инстанца во Народната банка. Постапив според предлогот на супервизијата и супервизискиот комитет“, изјави Славески.

Тој додава дека целосно стои зад одлуката и е подготвен да ја брани.

На крајот информираше дека службите на Народната банка веќе ја вршат работата во Алта банка и изрази надеж дека наскоро ќе има поволен исход.

ДВА МИЛИОНИ ЕВРА ИЗВЛЕЧЕНИ ОД АЛТА БАНКА Славески откри што следува и кој може да ја преземе

CATEGORIES
Share This