КОЈ ГИ ШПИОНИРА ГЕРМАНСКИТЕ ВЛАСТИ Apple предупреди за компромитирани iPhone-уреди
Германскиот министер за дигитална администрација потврди дека членовите на Бундестагот и федералната влада добиле безбедносни предупредувања од Apple

Сериозно безбедносно предупредување добиле германските пратеници и членовите на федералната влада, откако компанијата Apple открила дека нивните iPhone-уреди можеби биле цел на напад со шпионски софтвер.
Германскиот министер за дигитална администрација, Карстен Вилдбергер, за телевизијата ARD потврдил дека од Apple пристигнало известување за можна компромитација на одредени уреди, пренесува „Еуроњуз“.
„Пристигна известување од компанијата Apple дека одредени уреди можеби биле компромитирани од таканаречен шпионски софтвер“, изјавил Вилдбергер.
Според известувањето на германската Федерална канцеларија за безбедност на информациите (BSI), првите предупредувања до засегнатите корисници почнале да пристигнуваат на 29 октомври.
Засега, во доставените информации нема податоци за тоа кој стои зад евентуалниот напад, колку точно уреди се засегнати и дали се украдени податоци.
Случајот отвора сериозни прашања за дигиталната безбедност на највисоките германски државни институции, особено поради чувствителните информации до кои можат да имаат пристап владините функционери и пратениците.

