БЕЗ ДОЗВОЛА, ПИЈАНИ И ВО СПРОТИВНА НАСОКА Шест возачи приведени низ Македонија

МВР спроведе акции на повеќе локации низ државата. Меѓу приведените има и 16-годишник, а тројца возачи биле зад воланот без положен возачки испит.

БЕЗ ДОЗВОЛА, ПИЈАНИ И ВО СПРОТИВНА НАСОКА Шест возачи приведени низ Македонија
Фото: Принтскрин

Шест возачи биле лишени од слобода во изминатите 24 часа на различни локации низ државата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Тројца од приведените управувале возила без воопшто да положат возачки испит. Станува збор за 34-годишниот Б.М. од скопското село Батинци, 16-годишник од Морани и 32-годишниот Ф.К. од прилепското село Големо Коњари. Последниот бил затекнат и под дејство на алкохол.

Под дејство на алкохол бил и 53-годишниот С.А. од делчевското село Град, кој претходно предизвикал сообраќајна несреќа со материјална штета. Полицијата го лишила од слобода и 38-годишниот А.А. од Прилеп, кој управувал возило и покрај активната забрана за управување со моторно возило. И тој бил под дејство на алкохол.

Шестиот приведен е 66-годишниот М.Е. од тетовско, кој бил затекнат како управува патничко возило во спротивна насока. Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против шестмината ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат возила без возачка дозвола, под дејство на алкохол или со изречена забрана. Од МВР предупредуваат дека ваквото однесување сериозно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

CATEGORIES
Share This